Кремљ вели дека ги чека деталите за договорот за прекин на огнот во Украина

Американските и украинските преговарачи позираат пред новинарите по завршувањето на разговорите во Џеда, Саудиска Арабија, на 11 март.

Русија реагираше претпазливо на предложениот договор за прекин на огнот објавен од украинските и американските преговарачи и ја задржа можноста за телефонски разговор меѓу претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп во наредните денови.

Говорејќи еден ден по објавувањето на договорот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 12 март рече дека руските власти „внимателно ја проучуваат“ објавата, но чекаат да слушнат повеќе детали од американските преговарачи пред да коментираат дополнително.

Во меѓувреме, реакцијата на улиците на Москва беше измешана, а еден човек рече дека „да се согласи на примирје сега, кога непријателот е ослабен, е сосема несоодветно и погрешно“.

Но, други ја поздравија веста. „Ние само сакаме ова да заврши што е можно поскоро за луѓето да престанат да умираат“, рече една жена од главниот град на Русија. „Толку многу веќе загинаа.

Договорот, постигнат во Џеда, Саудиска Арабија, на 11 март конкретно бара 30-дневен прекин на огнот меѓу Киев и Москва, а исто така е нотирано дека тоа ќе биде предмет на одобрение од Русија. Исто така, се вели дека Вашингтон се согласил да продолжи да споделува разузнавачки информации со Украина.

Видете и ова: Зеленски: Сега е на Русија да одлучи дали ќе се приклучи на мировниот процес

Американската суспензија на размена на оружје и разузнавачки информации со Киев дојде по спорниот состанок во Белата куќа на 28 февруари, на кој Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс го прекоруваа украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ќе ја дадеме оваа понуда сега до Русите и се надеваме дека тие ќе кажат да, дека ќе кажат да за мирот“, изјави државниот секретар Марко Рубио за новинарите во Џеда.

„Топката сега е кај нив“, рече тој.

Мајк Волц, советникот за национална безбедност во Белата куќа, требаше да се сретне со својот руски колега оваа недела, а специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, исто така, планираше да отпатува во Москва, најверојатно за да се сретне со Путин.

Руското Министерство за надворешни работи не даде коментар, иако портпаролката рече дека во наредните денови се можни разговори со американски претставници.

Коментаторите поврзани со Кремљ, пак, го прикажаа договорот како позитивен исход за Русија. Константин Косачев, пратеник во Горниот дом на рускиот парламент, тврди дека резултатите од разговорите се строго американски и тврди дека тие ја покажуваат слабоста на Зеленски.

„Русија напредува, и затоа ќе биде поинаку со Русија“, рече тој во објавата на Телеграм.

„Секој договор (со целосно разбирање за потребата од компромис) ќе биде по наши услови, а не американски“, рече тој.

„И ова не е фалење, туку разбирање дека вистински договори се уште се пишуваат таму, на фронтот, кои и Вашингтон треба да ги разбере.

Видете и ова: Кремљ не ја исклучува можноста Трамп и Путин наскоро да разговараат

„Најважно е да не се мешате во руско-американските преговори со коментари од трета страна. Оставете ги преговарачите да работат“, напиша тој: „Победата ќе биде наша.“

Сергеј Марков, поранешен советник во Кремљ, рече дека руските власти би можеле да одговорат со контрапонуда: суспендирање на западните испораки на оружје за Киев за истиот период од 30 дена, од САД и од европските сојузници исто така.

„Европа мора да го поддржи примирјето во Украина не со зборови, туку со дела -- ембаргото за испорака на оружје во зоната на конфликтот е добро позната формула во дипломатијата“, рече тој во објавата за Телеграм.

Иако Вашингтон е најголемиот единствен снабдувач на оружје за Украина, европските сојузници колективно обезбедуваат исто толку оружје и друга опрема.