Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го обжали домашниот притвор на Асмир Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“, кој му беше одреден по последната полициска акција за аферата со мазут.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го разгледа Решението со кое не се прифати предлогот на обвинителството за определување на мерка притвор и на осомничен му беше определена мерка куќен притвор и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа. Незадоволно од ваквата одлука Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во законски утврдениот рок до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје поднесе жалба поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото Решение“, информираа денеска (13 март)од Обвинителството.
Видете и ова: Полициска акција против „картел" за набавка на штетно гориво и перење париВо полициска акција пред два дена беа приведени 11 луѓе, еден е во бегство, а еден веќе во притвор. Тие се осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење на пари.
Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет што се штетни за животната средина.
Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.
Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.