Непознати лица го блокираа влезот на телевизија Н1 во Белград

илустрација

Група од околу стотина непознати лица се собрала пред влезот во дворот на редакцијата на телевизијата Н1 во Белград.

Насобраните носат транспаренти на кои пишува „Каде е вашиот шеф и извикуваат „Нема да се откажеме од Србија“ и не дозволуваат никој да влезе или да излезе од дворот.

Телевизијата Н1 објави дека не се знае зошто се собрале.

Полицијата со штитови пристигнала дваесетина минути откако се собрала групата луѓе.

Репортерот на Н1 се обиде да открие кои се луѓето кои се собрани пред капијата на телевизијата.

Тие не сакаа да одговорат, а еден од насобраните рече дека ќе кажат кои се тие ако им дозволат да влезат во студио и да дадат изјава.

Како што јави телевизијата Н1, откако група непознати мажи дошле пред нивната зграда, дел од вработените во канцелариите на соседната бизнис зграда излегле надвор или од прозорците им довикувале „одете си на Косово“.

Програмскиот директор на Н1 Игор Божиќ изјави дека не знае кои се луѓето кои ја блокирале зградата, но дека дошле организирано.

Видете и ова: Студентите го блокираа влезот во РТС во Белград и РТВ во Нови Сад

Божиќ рече дека во Н1 не знаеле дека е најавен таков собир, но смета дека полицијата знаела, бидејќи полицајците биле таму пред нивното пристигнување.

Тој изјави дека по блокадата на РТС, „главните лидери“ повикувале кога ќе има блокада пред Н1.

„Ова е очигледно одговорот на режимот на тоа. Очигледно е дека ова е одвраќање од настаните околу студентските протести и режимот се обидува да покаже дека прорежимските медиуми не се единствениот проблем, туку дека за неговите поддржувачи проблем се и независните медиуми“, смета Божиќ.

Видете и ова: Вучиќ очекува насилство на протестите в сабота, најави и апсења

На 10-ти и 11-ти март во 22 часот, студентите ја блокираа зградата на Радио телевизија на Србија (РТС) во центарот на Белград, барајќи објективно известување за протестите.

Студентите го блокираа Јавниот медиумски сервис среде повеќемесечните протести со кои се бара одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.

Студентите во блокада најавија голем митинг во Белград на 15 март. Тие од декември ги блокираат државните универзитети и водат мирни протести низ земјата.