Премиерот Мицкоски за односите со Бугарија: За танго се потребни двајца

Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија

За танго се потребни двајца, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања поврзани со односите со Бугарија и одлуката на бугарската Влада за прекин на железничкото поврзување со Северна Македонија, како што јавија бугарски медиуми.

„Наша задача е да работиме. Сега дали ќе има договор - за танго се потребни двајца. Треба да видиме и од другата страна како функционираат“, изјави Мицкоски.

Министерот за транспорт, Александар Николоски, ги објасни постапките на македонската Влада по, како што се тврди, одлука на бугарската Влада да ги повлече парите планирани за реконструкција на делот на пругата Софија-Ѓуешево.

„Не треба само да се изгради тунелот и да се направи спојка со Ѓуешево, туку многу поважно е да се реконструира делот од Ѓуешево до Софија. Имајќи предвид дека соседите донесоа одлука да ги пренасочат парите за изградба на пруга од Софија до Бургас, мислам дека јасно испраќаат политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8. Исто така, паѓа во вода цела пропаганда што беше водена во изминатите 7 месеци против македонската Влада, првенствено против премиерот Мицкоски и против мене, дека наводно имаме нешто лично против Бугарија и дека не сакаме да се поврзуваме“, изјави Николоски.

Тој рече дека за тоа ги информирал и Европската делегација, Европската транспортна заедница и двете банки - Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, со кои има потпишано договори за кредит.

Видете и ова: Николоски: Бугарија да собере храброст да се одржи третиот состанок за пругата

Бугарската Влада, всушност, ги одобрила промените во Програмата „Транспортна поврзаност“ 2021-2027 година, со кои отпаднал проектот за модернизација на железничката линија од Софија - Перник - Радомир, кој треба да води кон граничниот премин со Македонија, пренесоа бугарски медиуми.

Железничката линија Скопје – Ќустендил – Софија била проектирана уште во 1869 година. Но, и по век и половина работите тапкаат во место. Иако пред неколку години двете земји со Договорот за добрососедство потпишаа и меморандум со точно наведени рокови, пругата не е завршена.

Релациите меѓу Северна Македонија и Бугарија се заострени откако Бугарија постави блокада на македонскиот пат кон ЕУ - за да почнат да се отвораат поглавјата, македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.

Македонската Влада формирана по изборите во мај 2024 и предводена од ВМРО-ДПМНЕ, бара гаранции дека во иднина нема да има други условувања од бугарска страна.

Бугарија, пак, беше во политичка криза – за четири години одржа седум парламентарни избори бидејќи ниту една партија не можеше да формира влада. Во јануари годинава, во Софија конечно се формираше политичка влада, меѓутоа и нејзините ставови се дека не е можно репреговарање на договорените услови за евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија.