Брисел ја повика Србија на транспарентна истрага за „звучниот топ“

Илустрација - знамиња на Европска Унија

Европската комисија (ЕК) имала увид во извештаи за наводна употреба на звучен топ или слично оружје против мирните демонстранти во Србија и ги повикува властите целосно да ги истражат таквите наводи, изјави портпаролот Гијом Мерсие.

„Видовме извештаи и наводи за употреба на таква опрема. Очекуваме брза, транспарентна и веродостојна истрага за овие наводи и потсетуваме дека според Законот за човекови права на ЕУ, властите мора да ги заштитат сите учесници на протестите од штета и насилство“, рече Мерсиер.

Тој додаде дека внимателно ја следат ситуацијата, како и „протестите во Србија каде луѓето бараат владеење на правото и силни и одговорни демократски институции“.

Од ЕК потврдија дека го очекуваат српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел следната недела на средба со претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

На видеата објавени на социјалните мрежи се гледаат граѓани собрани на саботниот (15 март) протест кај плоштадот Славија, оддавајќи им почит на загинатите во уривањето на настрешница во Нови Сад, кои откако ја слушнаа вревата, масовно се тргнаа на страна.

Настанот предизвика паника кај граѓаните, а засега нема официјални информации за тоа што ја предизвика ваква реакција кај толпата.

Студентите во блокадата, кои повикаа на протестот, инсистирајќи на утврдување на одговорноста за уривањето на бетонска настрешница во Нови Сад, ги обвинија властите за употреба на звучен топ за време на 15-минутниот молк за 15-те загинати.

Некои опозициски партии, исто така, ја обвинија владата дека користи звучни топови.

Видете и ова: Вучиќ тврди дека Армијата и Кобрите немаат звучен топ, најавува крај на истрагата за 48 часа

Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана негираа употреба на звучен топ на протестот на 15 март. Овие наводи ги отфрлија министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и премиерот во заминување Милош Вучевиќ, како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Вишото јавно обвинителство (ВЈТ) во Белград му наложи на Првото основно јавно обвинителство да покрене предмет и да ги идентификува лицата кои во јавноста пренеле информации дека Ургентниот центар во саботата лекувал десетици граѓани со заболувања кои можеле да бидат предизвикани од таканаречен „звучен топ“.

Во соопштението на ВЈТ се наведува дека реагирале откако Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија ги демантираше овие наводи кои се појавија на социјалните мрежи.

Невладината организација Белградски центар за човекови права на 16 март соопшти дека биле контактирани од голем број граѓани кои ги почувствувале ефектите од звучниот топ на саботниот протест.

Се наведува и дека граѓаните почувствувале силен топлотен бран, татнеж и нешто што наликува на звук на авион или автомобил кој оди со голема брзина и потоа „како некој ветер да се движи и да ги соборува, како да поминала ракета“.