Унгарија ја забрани „Парадата на гордоста“

Унгарскиот претседател Виктор Орбан

Парламентот во Унгарија донесе закон со кој се забранува годишната „Парада на гордоста“ која се залага за правата на ЛГБТК заедницата и дополнително законски уреди заострување на ограничувањата за изразување на нехетеросексуален идентитет во јавноста, јавува германската новинска агенција ДПА.

Пратениците го усвоија предлогот на итна седница во вторникот, со 137 гласа „за“ и 27 „против“ во 199-члениот парламент. Мерката беше предложена од десничарската влада на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Гласањето предизвика протести во салата, каде што противниците на законот поставија димни бомби кога беше објавен резултатот.

Орбан го најави овој предлог во говорот во февруари, предупредувајќи ги организаторите „Парадата на гордоста“ дека подготовката за овогодинешната парада би била „губење време и пари“, затоа штоорганизаторите и учесниците може да се соочат со казни.

Властите планираат да користат технологија за препознавање лица за да ги идентификуваат прекршителите.

Видете и ова: „Политички брз воз“ Скопје – Белград – Будимпешта

Оваа забрана е дел од законот познат како „закон за заштита на децата“ во Унгарија.

Иако настаните на гордоста не се експлицитно именувани, парламентарните дебати јасно покажаа дека тие потпаѓаат под новите ограничувања.

Унгарскиот Закон за заштита на децата од 2021 година веќе го забранува пристапот на малолетниците до информации за нехетеросексуалниот начин на живот. Книгите, филмовите и другите медиуми кои содржат ЛГБТК содржина не смеат да им бидат достапни на децата според законот.

Владата, дополнително подготвува уставен амандман со кој во Уставот ќе се дефинира секое лице како машко или женско, исклучувајќи го признавањето на небинарни поединци.

Од 2020 година, уставот на Унгарија пропишува дека мајка може да биде само жена, а татко може да биде само маж.

Мерките се дел од поширокиот притисок на владата на Орбан да ги ограничи правата на ЛГБТК, предизвикувајќи остри критики од групите за човекови права и Европската унија.