Вкупно 22 угостителски објекти имале лиценца, а на 15 им била истечена, е исходот од 50-те контроли што ги спровеле инспекторите од Државниот пазарен инспекторат на 16 и 17 март. Угостителските објекти биле регистрирани како кабаре, ноќен клуб, диско клуб и за диско клуб на отворен простор. Масовната инспекција беше спроведена откако ноќта на 15 спрема 16 март во пожар што изби во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 луѓе, а над 180 се повредени.
„Со оглед дека овие угостителски објекти не работат деновиве поради денови на жалост, ДПИ ги обезбедил документите потребни за надзорот преку контакти со одговорните лица“, изјави владината портпаролка Марија Митева по седницата на Влада на која се разговарало за добиените информации за инспекцијата.
Видете и ова: Колективна тага и траума по трагедијата во Кочани
Митева додаде дека на цела територија на земјава се утврдени 22 угостителски објекти од овој сектор со валидни лиценци за вршење дејност, а 15 имале лиценци со истечена важност.
Од 13 објекти во Скопје, само два имале лиценци со важност за кабаре. Како што рече, осум биле истечени, а три воопшто немале лиценца.
Во Куманово има три објекти и сите со важечка лиценца за кабаре.
Штип, Виница и Делчево по еден објект регистриран како кабаре, сите со лиценца со важност.
Во Струмица има четири објекти – две лиценци со важност за диско клуб, една лиценца со важност за диско клуб на отворен простор и една истечена лиценца.
Во Гевгелија има еден објект со лиценца со важност за диско клуб. Битола се четири објекти – три се со важност за кабаре, една лиценца со важност за диско клуб на отворен простор.
Во Прилеп имаме два објекта и двата се со истечена лиценца. Кавадарци еден објект со лиценца со важност, Неготино еден објект со истечена лиценца.
Во Велес еден со важност за кабаре, Охрид четири објекти – две лиценци со важност, една лиценца за диско клуб, еден објект е без лиценца.
Кичево еден објект со важност за кабаре, Гостивар имаме еден објект со истечена лиценца, во Тетово шест објекти од кои за четири нема податок, а два се со истечена лиценца, информираше Митева.