Бербок во посета на Блискиот Исток додека Израел ги обновува нападите во Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок отпатува во Блискиот Исток на разговори, еден ден откако Израел ги продолжи нападите врз палестинската милитантна група Хамас во Газа, при што загинаа стотици. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Пред нејзиното заминување, Бербок предупреди дека „ризикот од регионална ескалација е сериозен“. Првата фаза од договорот за прекин на огнот за заложниците истече по шест недели. Сите страни сега се повикани да покажат најголема воздржаност, да се усогласат со меѓународното хуманитарно право и да се вратат на разговорите за да се најде трајно решение за конфликтот“, додаде Бербок.

Но, во вторникот (18 март)израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави продолжување на борбите против Хамас, велејќи дека понатамошните преговори „ќе се водат само под оган“.

Видете и ова: Израел ги напаѓа Газа, Либан, Сирија, заканувајќи се дека повторно ќе разгори војна

Израел рано во вторникот изврши масовен бран воздушни напади врз цели во Газа, при што здравствените власти управувани од Хамас известија за повеќе од 400 убиени и стотици повредени. Власта не прави разлика меѓу цивилни и воени жртви и бројките не можат да бидат независно проверени.

„Нападите ги урнаа надежите на Израелците и Палестинците да стават крај на страдањата и ги загрозија дипломатските напори на арапските држави“, рече министерката за надворешни работи.

Обновувањето на израелските воздушни напади доаѓа два месеци откако Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот кој вклучуваше ослободување на заложниците земени за време на нападите на 7 октомври 2023 година во замена за палестински затвореници.

Преговорите за траен прекин на огнот и реконструкција на Појасот Газа оттогаш се во застој. Арапските земји неодамна претставија план за обнова на Газа, но многу прашања-како што се, како да се финансира обновата и политичкиот статус на крајбрежната територија - сè уште се нерешени.