Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и сите корисници на воздухоплови без екипаж (дронови) дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на било какви операции со воздухоплови без екипаж (дронови) на територијата на осум општини.
Тоа се: Кочани, вклучувајќи ги и селата Оризари, Тркање и Зрновци, Штип со околните места, Општина Чешиново-Облешево, вклучувајќи ги селата Соколарци и Чифлик,Струмица со околните места, Пробиштип со околните места, Македонска Каменица со околните места, Виница, вклучувајќи го село Митец и Скопје – гробиштата во Бутел, во Ѓорче Петров, гробиштата во село Горно Лисиче и во село Горно Нерези.
„Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Надеж за повредените и почит за настраданите во КочаниОд МВР посочуваат во денови на неизмерна тага и болка, собирањето и одржувањето протести да биде во мирна атмосфера, да се почитуваат веќе донесените одлуки од страна на државните институции и да се почитуваат наредбите и насоките од страна на полициските службеници, во насока на обезбедување на мирот, безбедноста и сигурноста на сите граѓани.
Владата на Северна Македонија, пак, попладнето објави безбедносен протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани. Тој е изготвен во координација со Министерството за внатрешни работи и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
„За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со дронови. Овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца“, се вели во владиното соопштение.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон етичките принципи - да ја почитуваат личната болка и достоинство, да избегнуваат сензационализам, да објавуваат проверени информации и да обезбедат баланс и непристрасност.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро загинаа 59 лица, додека над 150 се повредени.