На плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, вечерва (24 март 2025) почна протестниот марш со кој се бара одговорност за трагедијата во Кочани каде во пожар во дискотеката „Пулс“ ноќта меѓу 15 и 16 март загинаа 59 лица, а над 190 беа повредени.
Организатор на протестот е граѓанското движење „Кој е следен?“ кое тврди дека нема никаква поврзаност со политички партии ниту собира политички поени.
На почетокот на протестот на централниот плоштад во Скопје присутните граѓани палеа свеќи, положуваа цвеќиња… Насобраните скандираа: „Доста бевме ние, системот е следен“, "Одговорност", "Доста беше смрт", "Транспарентност".
Протест во Скопје: Системот е следен
Почетокот на протестот беше закажан во 18:59 часот, симболично во чест на бројот на жртви во Кочани – 59.
Според најавата од организаторите, маршот продолжи пред Собранието каде демонстрантите со петминутен аплауз требаше да се заблагодарат на здравствените работници.
Но, аплаузот не беше пред Собранието туку додека поминуваа покрај градска болница и скандираа: „Вие сте херои!“.
Видете и ова: Мицкоски го поддржува изразувањето револт преку протести, но нема оправдување за „политичките лешинари“Оттаму се упатија кон Владата каде исто така ќе се одржи 16-минутен молк, но и ќе се изнесат барањата.
Од „Кој е следен?“ веќе ги објавија барањата преку социјалните мрежи, а меѓу нив е да се објави целата документација за дискотеката „Пулс“ во Кочани од сите надлежни институции.
Исто така, бараат дисциплинска, кривична и политичка одговорност и за овој, но и за случаите „Онкологија“, пожарот во модуларната болница во Тетово и автобуските несреќи со „Дурмо Турс“ и „Беса транс“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Громогласна“ тишина на плоштад Македонија за загинатите во пожарот во Кочани
Граѓанското движење „Кој е следен?“ кое се формираше по смртта на младата Фросина Кулакова која беше прегазена во сообраќајна несреќа на 29 јануари годинава кај Универзалната сала во Скопје.
Движењето „Кој е следен?“ организираше низа протести барајќи правда за Фросина, а го иницира и последниот масовен собир во Скопје на 18 март на кој се оддаде последна почит жртвите од дискотеката „Пулс“.