Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека ако претседателот на Соединетите држави Доналд Трамп не може да донесе мир во Украина, никој не може.
„Унгарија многу ја цени посветеноста на новиот американски претседател за мир. Ако Трамп не може да донесе мир во Украина, никој не може. Целосно ги поддржуваме иницијативите на Трамп“, рече Сијарто синоќа по средбата со вршителот на должноста на американската амбасада во Будимпешта, Роберт Паладин.
Како што наведе, „безобразно е тоа што Брисел го попречува успехот на овие потфати“.
Сијарто исто така рече дека разговорот со Паладин бил одличен и додаде дека односите меѓу Унгарија и САД се проткаени со взаемно почитување.
Малку вести се објавени за деталите од американско-руските разговори, на кои се очекуваше да се решат деталите за потенцијалната пауза на долготрајните напади и од Русија и од Украина врз енергетските објекти и цивилната инфраструктура, како и за запирање на нападите во Црното Море.
Руската државна новинска агенција ТАСС цитираше неименуван извор од руската делегација дека Кремљ и Белата куќа ќе издадат заедничко соопштение денеска (25 март). По разговорот немаше информации од американските официјални лица.