Парламентот на Ерменија направи уште еден чекор во свртувањето на земјата кон Запад, одобрувајќи нацрт-закон со кој се повикува владата да бара членство во Европската унија (ЕУ).
Донесувањето на законот во неговото второ и последно читање беше последното оддалечување од Русија, бидејќи историските врски се раскинуваат поради, како што вели Ереван, очигледниот неуспех на Москва да ја поддржи во нејзиниот конфликт со соседот и долгогодишен противник Азербејџан.
Законот со кој се повикува владата на оваа јужнокавкаска земја да го започне процесот на пристапување во ЕУ беше усвоен на 26 март со 64 гласа „за“, сите од владејачката партија Граѓански договор, со седум гласа против од пратениците од опозицијата.
„Го поднесовме овој предлог-закон за да може Република Ерменија да ја изрази својата политичка волја да се придвижи кон Европската унија. Овој процес е неповратен. Народот го повикува“, рече Артак Зејналиан, поранешен министер за правда, кој ја претставува групата која се залага за членство во блокот од 27 нации.
Премиерот Никол Пашинјан го поддржа нацртот во јануари, но истакна дека за пристапување во ЕУ ќе биде потребен референдум. Ерменија, исто така, ќе мора да спроведе големи реформи во судскиот систем и во други области за да има шанса да се приклучи на 27-члениот блок.
Ерменија и Азербејџан водеа неколку војни во последните три децении за регионот Нагорно-Карабах, кој беше мнозинска етничка ерменска енклава од распадот на Советскиот Сојуз и е меѓународно призната како азербејџанска територија.
Видете и ова: Ерменија и Азербејџан го финализираа мировниот договор, но пречките остануваатОткако Баку ја презеде целосната контрола врз регионот како резултат на молскавична, еднодневна воена офанзива во септември 2023 година, речиси 100.000 етнички Ерменци побегнаа од Нагорно-Карабах во Ерменија. Ереван ја обвини Русија, која имаше речиси 2.000 војници стационирани во регионот, дека не презема ништо за да ги спречи борбите и егзодусот што следеше.
Неколку дена по нападот, Пашинјан во телевизиско обраќање рече дека постојните безбедносни сојузи на Ерменија - повикувајќи се на Русија и Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) во која доминира Москва - се „неефикасни“ и „недоволни“.
Во февруари 2024 година, Пашинјан го замрзна учеството на Ерменија во ОДКБ. Таа, исто така, се приклучи на Меѓународниот кривичен суд, што значи дека ќе се очекува да се усогласи со налогот на МКС за апсење на рускиот претседател Владимир Путин доколку тој дојде во посета, и ги продлабочи своите одбранбени врски со Франција.
Ерменија одржа воени вежби со американските војници во јуни 2024 година и потпиша договор за стратешко партнерство со САД овој јануари, една недела пред да стапи на должност американскиот претседател Доналд Трамп.
Русија ја предупреди Ерменија дека свртувањето кон ЕУ може да и наштети на различни начини, особено на економски план. Рускиот вицепремиер за евроазиска интеграција Алексеј Оверчук во јануари изјави дека започнувањето на процесот на пристапување во ЕУ значи „покренување на процесот на напуштање на Евроазиската економска унија“, царинска и трговска алијанса предводена од Москва, додавајќи дека земјата не може да биде членка на двата блока.
Минатата недела секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу, рече дека Ерменија ризикува да ја загуби бесцаринската трговија со Русија и потенцијалното зголемување на цените на рускиот природен гас и дека Русија може да протера голем број ерменски работници мигранти.
Ерменија и Азербејџан минатата недела објавија дека го финализирале текстот на историскиот мировен договор, иако останува нејасно точно кога нивните лидери ќе го потпишат.