Радио Слободна Европа (РСЕ/РЛ) продолжува со правните дејствија против Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) за да обезбеди ослободување на средствата одобрени од Конгресот, се вели во соопштението на 28 март.
Агенцијата (USAGM) ги надгледува РСЕ и другите меѓународни медиуми на Соединетите Држави.
Агенцијата соопшти дека го прекинува финансирањето со грант кон РСЕ на 15 март, неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која бараше намалување на седум агенции, вклучително и на Агенцијата за глобални медиуми до „максимално усогласено со важечкиот закон“.
На 26 март, Агенцијата ѝ пиша на РСЕ, велејќи дека ја поништува објавата за стопирање на грантот, но дека тоа „не е во спротивност со овластувањето на Агенцијата да го прекине грантот“.
Во тужбата на РСЕ стои дека Агенцијата ја нема оваа надлежност, бидејќи грантот беше доделен со акт на Конгресот.
Во соопштението објавено од РСЕ на 27 март се вели дека „РСЕ ја чека официјалната потврда од USAGM дека финансирањето на грантот ќе продолжи“.
Новото соопштение на 28 март јасно стави до знаење дека тоа сè уште не се случило.
„Со нетрпение очекуваме да ги добиеме средствата што Конгресот ни ги додели преку Американската агенција за глобални медиуми (USAGM). Дотогаш, ќе ги следиме сите неопходни правни лекови за да се осигураме дека ќе се почитува намерата на Конгресот“, се вели во соопштението.
Во соопштението, исто така, се вели: „Посветеноста на РСЕ кон нашата публика и нашата мисија под мандат од Конгресот останува цврста“.
На 25 март, американскиот суд го одобри барањето на РСЕ за привремена забрана (TRO) во неговата тужба, пресудувајќи дека USAGM постапил „произволно и каприциозно“ при стопирањето на грантот на РСЕ.
Окружниот судија на Соединетите Американски Држави, Ројс Ламберт, во пресудата од 10 страници напиша дека „привремената забрана“ (TRO) e потребнa за да се запре затворањето, бидејќи РСЕ покажа дека веројатно ќе го добие својот случај на судско рочиште, дека дозволувањето на потезите на USAGM да продолжат до судското рочиште за судбината на финансирањето на РСЕ/РСЕ ќе предизвика „ненадоместлива штета на радиодифузерот на јавниот интерес.
Наводното прекинување на грантот на РСЕ беше соопштено во писмо потпишано од Кари Лејк, која ја наведе нејзината титула како „Виш советник на вршителот на должноста извршен директор (USAGM) со надлежности делегирани од вршителот на должноста -извршен директор“.
По писмото до РСЕ на 26 март, Лејк продолжи да ги критикува ентитетите на Агенцијата.
„Прашањето до американскиот народ е дали сакате вашите тешко заработени даночни долари да одат за овој вид на пропаганда? Јас се борам со тоа во моментов во Американската агенција за глобални медиуми и тоа ќе биде битка“, изјави таа за Newsmax.
Во следното интервју на One America News, Лејк рече дека немала време да го прегледа новинарството на ентитетите на USAGM.
„Не стигнав ни да ја погледам содржината“, рече таа.