Дома се пуштени 93 пациенти од пожарот во Кочани, уште сто се лекуваат

Северна Македонија - Арбен Таравари, министер за здравство на Северна Македонија

Во болниците се лекуваат уште сто пациенти од пожарот во Кочани од вкупно 193 колку што имаше. Тројца од нив се во критична состојба, рече министерот за здравство, Арбен Таравари, на прес-конференција на 1 април.

Пациентите беа повредени во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, при што загинаа 59 лица, а 193 беа повредени. Повеќе од половина од повредените беа испратени на лекување во странски медицински центри.

Од пациентите кои се на лекување, 80 се во болници во странство, а 20 пациенти се распоредени во Клинички центар, во ГОБ „8 септември“, во болницата „Св.Наум Охридски“ и тројца во приватните болници.

Денеска во земјава се враќаат уште двајца пациенти, од Полска и од Белгија. Таравари рече дека до крајот на неделава се очекува враќање на уште неколкумина пациенти.

Видете и ова: Последно збогум за жртвите од пожарот - најмладите имале 16 години

Засега во Северна Македонија се враќаат полесно повредените пациенти, што се рехабилитирани целосно. Од следната недела треба да се разговара за враќање на лицата кои беа потешко повредени во пожарот.

За нивната рехабилитација се разглаедуваат неколку опции: прилагодување на просторот каде беше сместен ковид центарот во ГОБ „8 Септември“, Центарот за рехабилитација во Козле или да се искористат понудите од други држави за пациентите на кои ќе им биде потребна подолга рехабилитација, за што трошоците ќе бидат покриени од тие држави.

Вкупниот број на осомничени за пожарот во Кочани досега е 34 лица. Со истрагата се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од полициските станици во Штип и во Кочани.