Дурмиши: Секој има право да излезе на улица и да покаже револт

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши

Живееме во демократија и секој има право да излезе на улица и да протестира и да го каже својот револт, но на синдикатите веќе им истече мандатот и веќе не се репрезентативни, порача денеска (2 април)министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

„Како Влада ја формиравме комисијата која треба да ја утврди репрезентативноста на синдикатите и таа комисија веќе работи. Веднаш кога ќе се определи кој синдикат е репрезентативен ќе ја свикам седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС). Токму таму синдикатите треба да ги кажат своите барања, а не на улица“, изјави Дурмиши во одговор на новинарско прашање пред почетокот на конференцијата „Реформа на Законот за работни односи – предизвици и насоки“.

Видете и ова: Синдикатите утре на протест, барањето за поголем минималец ги „скара“ со Владата

Како Влада, нагласи дека се за социјален дијалог. Одговарајќи на прашање рече дека како Влада постапиле според законот и методологијата за минималната плата, со која се усогласени сите засегнати страни, односно и синдикатите и работодавачите, и го објавиле износот на минималната плата на крајот на март.

„Според тој правилник минималната плата изнесува 400 евра и е покачена нето платата за 1800 денари. Како надлежен министер за економија и труд јас ја објавив минималната плата по одлука на Владата, рече Дурмиши.

Нагласи дека немале согласност од ЕСС за износот на минималната плата поради тоа што нема репрезентативност од синдикатите.

„Јас според законот кој е во сила и кој е потпишан и од синдикатите и од работодавачите и по одлука на Влада обврзан сум пред 31 март да ја објавам минималната плата. Од минималната плата потоа се пресметува и просечната плата и другите плати. Ако не ја објавевме до 31 март ќе се блокираше целата држава и сите институции, а приватниот сектор не ќе можеше да пресмета плати за нивните вработени“, истакна Дурмиши.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска одржува јавна седница пред зградата на Работничкиот дом на која ќе ги искаже своите ставови за минималната плата.