Лидерот на СДСМ Венко Филипче предложи нов концепт за општествен и политички дијалог. Како што рече на денешната прес-конференција, трагедијата во Кочани покажала дека системот не функционира како што треба, а за тоа како што посочи, вина имале сите политички партии.
Во однос на лидерската средба рече дека уште денеска или утре (2 и 3 април) ќе побара состанок со премиерот Христијан Мицкоски, за да се организира таа средба.
Според него областите каде што треба системски пристап се - образование, здравство, правосудство, животна средина, партизација и политизација.
„По големата трагедија во Кочани, ја видовме реакцијата на граѓаните, револт, на места и бес. Би рекол сосема оправдано, бидејќи тоа што во изминатите три децении, тоа што се нарекува реформи, тоа што се нарекува транзиција, очигледно не го даде посакуваниот резултат. Системот на многу места очигледно не фукционира како што треба. Јавните сервиси немаат перформанс каков што граѓаните заслужуваат. За тоа вина имаме сите политички партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, другите политички партии“, рече Филипче.
Нагласи дека треба да се изготви стратегија во која ќе се влучат сите, во форма на политички дијалог, врз основа на која државата ќе функционира во следните децении, многу повеќе од мандат на која било влада и која било партија или коалиција да ја води таа влада.
Во однос на правосудството, предлага неминовно да се донесат реформската агенда во што пократок рок реформските закони во одреден систем во којшто ќе се постигне широк консензус не само политички, туки и други фактори од делот на правосудството на коишто ова навистина им е експертиза.
„Тоа што граѓаните најмногу ги иритира а тоа е партизацијата и политизацијата. Мора да ги ослободиме институциите од канџите на политиката и партијата за да младите луѓе имаат навистина добар, компетитивен мерит систем и на тој начин да се вработуваат и напредуваат поради тоа што само на тој начин можеме експертизата да ја издигнеме на соодветно и заслужено ниво“, истакна Филипче, додавајќи дека добро е на овие теми да седнат лидерите на сите партии.
Видете и ова: По трагедијата во Кочани, собраниската говорница остана немаЛидерот на СДСМ истакна дека на премиерот Христијан Мицкоски и подетално би му го образложил овој план на средба во следните денови. Во однос дали очекува неговиот предлог за лидерска средба да биде прифатен, тој рече дека уште денеска или утре (2 и 3 април) ќе побара состанок со премиерот Мицкоски, согласно агендите, за да се организира таа средба.
„Оставам простор и се надевам дека сега кога политичките партии ќе го слушнат ова ќе ја прифатат таа лидерска средба. Но добро е прво тоа да го поразговараме со премиерот, имајќи предвид дека тој прв подаде рака и на прва одговори дека средбата е прифатлива. Навистина не знам што би било неприфатливо или некој зошто не би сакал да разговара, кога тоа е констатација на секој еден граѓанин во државата“, рече Филипче.
На новинарско прашање дали на средбата ќе ја постави темата за евроинтеграции и уставни измени, рече дека најверојатно ќе се зборува и за таа тема.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека тој е подготвен да разговара со Филипче, додавајќи дека лидерската средба е пресериозна тема за да се разговара преку медиуми.