Пожарот во Кочани зеде уште една жртва, почина еден од критично повредените пациенти

Дикотеката „Пулс“ во Кочани, 16 март 2025 година

Министерот за здравство Арбен Таравари потврди дека има уште една жртва од трагедијата во Кочани. Починатиот, кој беше на лекување во Литванија, имал 40 отсто изгореници, а на 1 април му откажале бубрезите.

Според првичните информации, се работи за Александар Карадакоски, кој на хартија беше управител на дискотеката „Пулс“.

Овој пациент беше еден од четворицата пациенти кои беа во критична состојба.

„Од 1 април му откажа работата на бубрезите, практично беше ставен на дијализа. За жал, утрово ја добив лошата информација дека тој починал. Да се надеваме дека другите критични да им се подобри состојбата. Пациентот што почина, 40 отсто од телото му беше со изгореници. На крајот, главниот проблем беше инфекцијата која што ја добив поради огромна површина на рани кои ги имаше на телото. Да се надеваме дека другите критични ќе поминат подобро и да ни се вратат во државата“, рече Таравари по посетата на Здравствениот дом во Липково.

Видете и ова: Истрагата лоцира „верижни пропусти и незаконитост“ кои довеле до пожарот во Кочани

Извори од МНР за МИА информираат дека е започната процедурата за враќање на телото на пациентот.

Карадаковски, како управител на дискотеката, беше и меѓу осомниените во постапката што ја води Јавното обвинителство од каде информираа дека ќе ја запрат постапката против него.

„Основното јавно обвинителство Кочани по прибавување на официјалната документација за настапената смртна околност ќе донесе наредба за запирање на истражната постапка за него“, соопштија од Јавното обвинителство.

Ова е 60-тата жртва од пожарот во дискотеката во Кочани што се случи рано изутрина на 16 март. Повеќе од 200 луѓе беа повредени. Најголемиот дел од нив беа испратени на лекување во странство.