Загадување имало, но цијанид, неколку стотици пати над дозволеното во Крива Река, нема, тврди директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска.
„Одговорно тврдам дека цијанид неколку стотици пати над дозволеното во Крива Река нема како што тврдеше градоначалникот на Крива Паланка на прес-конференција на 28 март“, изјави Гиновска на прес-конференција на 4 април порачувајќи дека кривично се одговара за ширење на паника кај населението.
Нејзината прес-конференција доаѓа откако на 14 март се случи еколошки инцидент во рудникот Тораница со кој управува компанијата БУЛМАК 2016 кога пукна цевка и се изли јамска вода во Тораничка Река, притока на Крива Река. Случајот предизвика загриженост во јавноста и остри реакции од еко-активистите.
Видете и ова: Олово и цијанид во Тораничка и Крива Река - кој ќе одговара?По инцидентот, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во јавноста презентираше две анализи од актедитирани лаборатории кои покажаа дека водата е загадена со тешки метали, вклучително и цијанид. Една од овие анализи беше направена по барање на Општината од страна на лабораторијата „Технолаб“, додека другата по барање на риболовното друштво „Мрена“ од Институтот за јавно здравје.
„Цијанид нема неколку стотици пати над дозволеното. Според нивните анализи има за десетици пати над дозволеното, а според анализите кои се направени од БУЛМАК нема цијаниди. Во анализите од Риболовното друштво ’Мрена‘ кои се направени во ИЈЗ не се испитувани цијаниди, а во извештаите кои ги имам јас кои се направени од акредитирана лабораторија која не е ни ’Еуромак‘, ни ’Технолаб‘ цијаниди во Крива Река има помалку од два“, објаснуваше Гиновска.
Сепак, таа призна дека загадување имало, но дали е тоа за кривична одговорност не знаеше да каже.
„Еколошкиот инцидент во рудникот Тораница нема да остане на половина пат и целосно ќе биде расчистен и ќе има правна разрешница. Според А интегрираната дозвола што ја има рудникот не смеело да им пукне цевка и да се излее вода во Тораничка Река за што веќе се казнети правното и одговорното лице. Загадување имало, се излеало јамска вода, но во какви размери е загадувањето и дали е за кривична одговорност не може пред време да прејудицираме“, рече директорката на Државниот инспекторат за животна средина.
Сета документација, Гиновска рече дека ќе биде предадена во Основното јавно обвинителство Куманово (надлежно и за подрачјето на Крива Паланка) кое веќе води предистрага за случајот.
За анализата од ИЈЗ, направена по барање на „Мрена“, вчера на прес-конференција зборуваше градоначалникот Митовски, соопштувајќи дека „водата во Крива Река е сериозно загадена и спаѓа во најлошата категорија на загадени води, неупотреблива за која било намена“.
Видете и ова: Крива Река загадена со олово, цијанид и фосфор, тврди градоначалникот на Крива ПаланкаМитовски посочи дека водата спаѓа дури во петата класа согласно уредбата за класификација што е најлоша категорија. Оловото, тврди, било присутно со 36,65 микрограми на литар во однос на максималната вредност 10 микрограми од дозволените на литар.
Повикувајќи се на анализата, Митовски кажа дека присуството на манган е 188,242 микрограми наспроти дозволените 50, на цинк 113,187 микрограми наспроти дозволените 100, на кадиум 2,158, наспроти 0,1 микрограм.
Матноста, презентираше градоначалникот, е 170 единици, а граничната вредност е 10.
Застрашувачки резултати тој сподели и на 28 март односно по претходната анализа направена од акредитираната лабораторија „Технолаб“. Како што рече тогаш, концентрацијата на олово во Крива Река е зголемено за неверојатни десет пати повеќе. Дополнително, посочи тогаш, за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот во Крива Река.
На прес-конференцијата на Гиновска, денеска реагираше и опозициската СДСМ од чиј редови доаѓа градоначалникот на Крива Паланка, обвинувајќи ја дека застанала „во заштита на предизвикувачите на еколошка катастрофа, наместо да застане во одбрана на животот и здравјето на граѓаните“.