Протестен марш во Кочани: Ова не е несреќа, ова е убиство, порачаа семејствата на загинатите

„Марш за ангелите“ на улиците во Кочани, организиран од семејствата на починатите во пожарот, 5 април 2025

Со транспарент на кој пишува „Марш за 59-те ангели“, држејќи фотографии на жртвите во пожарот во кочанската дискотека, членови на нивните семејства го предводеа денешниот (5 април) мирен протест на кој стотици граѓани облечени во црно маршираа низ улиците во Кочани.

Кој го уби мојот ангел, кој го уби мојот херој, кој ги пеплоса тие ангелски лица? Вакво прашање пред судот во Кочани постави мајка на една од жртвите.

Учесниците во маршот побараа правда и одговорност и преку транспаренти на кои пишуваше „стоп за селективна правда, коруптивниот ситем ги уби нашите деца како и ова не е несреќа, ова е убиство“.

Во известувањето за маршот до МВР Кочани кое претходно беше објавено на социјалните мрежи, стоеше дека тој се одржува „за потсетување на институциите дека семејствата ќе ја бараат правдата за нивните покојни деца сè до последен здив и дека ќе бараат брза и непристрасна истрага и судска постапка“, а како организатори беа наведени семејствата на жртвите.

Организаторите на маршот во известувањето нагласија и дека тој „не е за лицата од обезбедувањето во дискотеката, а граѓаните кои не го прифаќаат тоа укажување не мора да се приклучуваат“.

Мирниот собир почна во Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути, како симбол на задоцнетата институционална реакција.

За денеска и утре попладне во Кочани е закажан уште еден протестен марш наречен „Ваш профит – наши животи“, но во објавите на социјалните мрежи не е наведено кој е негов организатор.

Видете и ова: Пожарот во Кочани зеде уште една жртва, почина еден од критично повредените пациенти

Од вчера (4 април) бројот на жртви е 60, откако почина Александар Карадакоски, кој на хартија беше управител на дискотеката „Пулс“, а кој беше на лекување во Литванија.

По пожарот што се случи рано изутрина на 16 март, повеќе од 200 луѓе беа повредени. Најголемиот дел од нив беа испратени на лекување во странство.