Филипче избран за претседател на СДСМ на внатрепартиски избори

Венко Филипче, претседател на СДСМ

Венко Филипче официјално е избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на денешните (6 април) директни внатрепартиски избори, на кои тој беше единствениот кандидат.

Претседателот на Централната изборна комисија Бранко Георгиевски рече дека од 23.712 запишани избирачи, вкупно гласале 18.140 односно 76,5 проценти од активно регистрираните членови.

„Тоа што добив двојно повеќе гласови од претходниот пат е само доказ дека нашата интензивна работа дава резултат. Ова е доказ дека изборниот процес не беше само технички организиран, туку е доказ дека нашите членови искрено веруваат во исправноста на политиките коишто изминатиот период ги водиме“, рече Филипче на вечерашната прес-конференција.

Георгиевски информираше дека за Филипче гласале 18.001 избирачи, а имало 139 неважечки ливчиња.

Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, претходно беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани.

Филипче за лидер беше избран во јуни минатата година на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Димитар Ковачевски поради историски најлошиот резултат на парламентарните и претседателските избори. Тогаш негови противкандидати му беа Јован Деспотовски и Александар Бајдевски, додека Славјанка Петровска се повлече од трката ден пред изборите. Филипче ќе има мандат од четири години.