Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, ги обвини студентите во блокада за „тероризам“, наведувајќи дека планирале да ја блокираат контролата на летот на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.
Снимка од наводна подготовка и блокирање на аеродромот „Никола Тесла“ во просториите на Медицинскиот факултет беше емитувана претходно на провладината телевизија Информер. На состанокот имало и студенти на Сообраќајниот факултет, кои ги отфрлиле наводите за блокада на аеродромот.
Тие истакнале дека тоа е нивна „внимателно осмислена стратегија“ со колегите од Медицинскиот факултет, за да откријат кој неовластено ги снима нивните пленуми и им дава информации на таблоидите. Студентите изјавија дека благодарение на „медиумскиот спин“ дознале кој е тој што донел интерни информации од пленумот до одредени провладини медиуми.
Брнабиќ објаснувањето на студентите го нарече „навреда на здравиот разум на луѓето во Србија“.
„Зошто тогаш не планиравте некоја помалку опасна акција, која исто така би била форма на радикализација? Но она што го планиравте не беше радикализација, тоа беше тероризам. Мило ми е што реагираа државните органи“, рече Брнабиќ.
Видете и ова: Протест пред ТВ Информер во Белград поради известување за студентските протестиПретходно, на 7 април, Вишото јавно обвинителство (ВЈТ) во Белград испрати барања за собирање информации до Министерството за внатрешни работи и до Агенцијата за безбедност и информирање.
Причина, како што наведоа, биле видео и аудио снимките направени на средбата во просториите на Медицинскиот факултет во Белград, на кои може да се слушне како учесниците на состанокот зборуваат за планирање и подготовка на блокадата на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.
ВЈТ во соопштението наведува дека е наредено легитимирање на учесниците на средбата и преземање други дејствија – со цел да се провери дали е сторено кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај и повикување на насилна промена на уставниот поредок или некое друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност.
Потоа вечерта на информативен разговор бил приведен Стефан Радојичиќ, студент на Сообраќајниот факултет. По неколкучасовно испрашување, тој бил ослободен.
Видете и ова: Денот на студентите во Белград одбележан со протестСтудентите во блокада организираа протест пред белградската полиција поради апсењето на колега.
Во соопштението, студентите наведуваат дека полицијата „ненадејно го привела“ нивниот колега околу 20 часот, а дека ниту два часа подоцна на неговиот адвокат не му било кажано каде се наоѓа, „што претставува грубо кршење на основните човекови права и правните норми на Србија“.
Телевизијата Н1 ја пренесе изјавата на студентот Стефан Радојичиќ кој по излегувањето од станицата рече дека е приведен поради видеото објавено на Информер.
„Мобилниот телефон и лаптопот ми беа одземени“, рече тој.
Додаде дека му било кажано дека „за месец до два“ може да очекува повик од Вишото јавно обвинителство за да биде прегледан лаптопот и телефонот.
Студентите, кои повеќе од четири месеци ги блокираат државните универзитети, водат масовни протести на кои присуствуваат стотици илјади луѓе ширум Србија. Во фокусот на барањата е утврдување на кривична и политичка одговорност за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Зад студентските барања застанаа универзитетски професори, просветни работници, земјоделци, адвокати и актери, заедно со граѓаните кои со месеци се собираат на протести.
Демонстрациите станаа симбол на поширокото незадоволство од владеењето на правото во земјата, заедно со прашањето дали негрижата и корупцијата на системот доведоа до несреќата во Нови Сад.