Во напад на руски беспилотни летала врз украинските градови Днипро, Харкив и Краматорск доцна на 8 април беа ранети повеќе од дваесет луѓе и оштетени повеќе станбени згради, соопштија локалните власти.
Серхиј Лисак, гувернер на регионот Днепропетровск, изјави дека „Днипро најмногу настрада“ од рускиот напад во текот на ноќта, во кој беа ранети најмалку 15 лица, а речиси сите беа во тешка состојба.
„Луѓето имаат исеченици, рани од шрапнели, модринки и повреди на главата. На некои им беше потребна помош поради силен стрес“, рече Лисак.
Лисак додаде дека нападот оштетил 15 приватни куќи и речиси дваесетина автомобили. Според него, оштетени се повеќе деловни објекти, административни згради и градска инфраструктура.
Вториот по големина град во Украина, Харкив и источниот град Краматорск беа погодени од руски беспилотни летала.
Локалните власти соопштија дека во Харкив се слушнале повеќе од 20 експлозии, при што се повредени најмалку две лица. Уште петмина се повредени во Краматорск, во областа Доњецк.
„Во нападот се ранети 11-годишно девојче, нејзината 34-годишна мајка и 55-годишна баба“, изјави шефот на регионалната воена управа на Доњецк, Вадим Филашкин.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Покровск во урнатини, украинска единица за беспилотни летала го кочи руското напредување
Украинското воено воздухопловство соопшти дека во текот на ноќта собориле 32 од 55 беспилотни летала лансирани од Русија, а уште осум „не стигнале до своите цели“.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана во објава на Телеграм соопшти дека нејзините единици за противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништиле 158 беспилотни летала, вклучувајќи 29 над јужниот регион Ростов.
Руската авијација, Росавијација, соопшти дека неколку аеродроми на југот на Русија биле затворени рано на 9 април за да се обезбеди безбедност на воздухот.
На теренот, според последниот извештај на американскиот Институт за проучување на војната руските сили во моментов извршуваат три различни операции во обид да го заземат клучниот град Покровск во регионот на Доњецк.
„Ситуацијата јужно и југозападно од Покровск останува исклучително динамична во услови на засилени руски офанзивни операции“, се вели во извештајот.
Со оглед на тоа што руските сили ги поминаа последните 13 месеци обидувајќи се да го освојат градот, Институтот за проучување на војната дополнително подвлече дека операциите на украинските беспилотни летала и локализираните контранапади продолжуваат да го комплицираат напредокот на Москва во областа.