Американскиот претседател Доналд Трамп објави 90-дневна пауза на царините што ги воведе за повеќето земји, но дополнително ги зголеми за Кина од 104 отсто на 125 отсто.
Додека глобалните пазари беа под закана од колапс, изненадувачкиот потег на Трамп нагло ги зголеми берзанските индекси.
Одлуката за 90-дневна пауза Трамп ја објави на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), давајќи им на земјите основна тарифна линија од 10 проценти, освен за Кина.
„Врз основа на недостатокот на кинеска почит кон светските пазари, со ова ја зголемувам царината наметната од Соединетите Држави за Кина на 125 отсто, што ќе стапи на сила веднаш“, напиша Трамп.
Наведувајќи дека повеќе од 75 земји побарале преговори за тарифите, Трамп вели дека „овластил 90-дневна пауза и значително намалена реципрочна тарифа во текот на овој период, на 10 отсто, кои исто така стапуваат во сила веднаш.
САД претходно ја зголемија царината за Кина на 104 отсто, по што Кина брзо одговори со објавување на царина од 84 отсто за американскиот увоз.
Претходно денеска (9 април) земјите членки на ЕУ ги одобрија првичните одмазднички тарифи од 10 до 25 отсто за увозот од САД, кои според Европската комисија треба да стапат на сила следната недела.
Производите што се соочуваат со царини, меѓу другите, вклучуваат дијаманти, земјоделски производи, живина, мотоцикли и соја.
Европската комисија соопшти дека контрамерките можат да бидат прекинати во секое време „доколку САД се согласат на фер и избалансиран исход од преговорите“.