ОЈО Скопје отвори истрага за измами со брзи кредити

Зградата на ОЈО Скопје (фотоархива).

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје отвори истрага против 43 лица за измами поврзани со брзи кредити. Осомничените се товарат дека на име на други граѓани подигале кредити во различни кредитни друштва. Со измамите, според обвинителството, успеале незаконски да прибават над три милиони денари (околу 50 илјади евра).

Четворица од осомничените, меѓу кои и еден вработен во Фондот за здравствено осигурување се гонат за неколку кривични дела: компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци. Останатите, велат од ОЈО Скопје, се опфатени со „поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно“.

Дел од осомничените, тврди Обвинителството, користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера да ги користат како вистински.

„Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства“, велат од Обвинителството.

Видете и ова: Брзи кредити или легализирана лихва?

Еден дел од осомничените, додаваат оттаму, лажирале податоци и невработени лица ги прикажувале како вработени и кредитоспособни и така извлекувале пари од друштвата за брзи кредити.

„Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно ЕЗБО број кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот. Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами“, велат од ОЈО Скопје.

Обвинителството за тројца од осомничените ќе бара да им се определи притвор, додека еден веќе се наоѓа во притвор за друго кривично дело во друг случај.