Муцунски сo Герапетритис во Делфи – разговарале за билатералните односи со Грција

Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Муцунски Герапетритис, во Делфи, 10 април 2025 г.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска (10 април) оствари средба со неговиот грчи колега, Јоргос Герапетритис, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Средбата се случи на маргините на Делфи економскиот форум во Грција.

„Двајцата министри ја нагласија заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во сферата на инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот“, велат од МНР.

Оттаму додаваат дека Муцунски се заблагодарил за помошта од Грција во згрижувањето пациенти кои беа повредени во трагедијата во дискотеката во Кочани, во која загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени.

Видете и ова: Пет години во НАТО: Членството донесе стабилност, вели Муцунски

Северна Македонија и Грција, имаа речиси тридецински спор околу старото уставно име на државата – Република Македонија, кој беше надминат со потпишување на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 година кога со двете држави раководеа владите предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Годишниот економскиот форум што се одржува во грчкиот планински град со античко и историско значење Делфи, е јубилеен – десетти. Тој претставува независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, која секоја година на едно место собира истакнати личности од економијата, политиката и академската заедница. Целта на форумот е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања, како и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран.

На форумот, покрај Муцунски, кој има обраќање на пленарна сесија на тема „Дали ЕУ – САД алијансата е надвор од поправка?“, учествува и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.