Европската унија изрази загриженост поради протерувањето на хрватските државјани од Србија, кои им го одбија престојот со образложение дека претставуваат „безбедносен ризик“.
„Загрижени сме поради информациите кои зборуваат за случаи на протерување граѓани на ЕУ“, изјави портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие, на прашање на новинар од Хрватска во Брисел.
Мерките во интерес на националната безбедност „треба да бидат во согласност со правната рамка на Србија“, но со почитување на „меѓународните норми за човекови права“, додаде тој.
Ваквите мерки, рече тој, не треба да резултираат со ограничување на слободата на поединци, вклучително и странски државјани.
„Ја следиме ситуацијата и нема да се двоумиме да ја пренесеме нашата загриженост до српските власти на највисоко ниво доколку е потребно“, рече портпаролот.
Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман претходно изјави дека ја очекува реакцијата на Брисел за протерувањето на хрватските граѓани од Србија и оцени дека постапките на официјален Белград не се во духот на добрососедските односи.
Видете и ова: Хрватска го осуди протерувањето на хрватските државјани од СрбијаХрватската државјанка Ариен Ивковиќ Стојановиќ за медиумите изјави дека одбивањето на престој поради „безбедносен ризик“ го разбира како реакција на српските власти на нејзиното повремено учество на студентските протести кои со месеци траат во Србија.
Според податоците на хрватската амбасада, во последните три и пол месеци 12 хрватски државјани добиле решение за протерување од Србија. Меѓу нив е и шефот на претставништвото на Хрватската стопанска комора во Србија.
На хрватските граѓани им беше забранет престојот во Србија во време кога продолжуваат протестите предводени од студентите поради падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено.