Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси неделава ќе го посети Техеран

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денеска (14 април) изјави дека ќе го посети Техеран во текот на неделата, пред новата рунда преговори меѓу Иран и САД претстојниот викенд.

„Неопходно е да се продолжи ангажманот и соработката во време „кога итно се потребни дипломатски решенија“, напиша Гроси на платформата „Х“.

Според дипломатски извори, посетата на Гроси е закажана за четврток.

МААЕ, со седиште во Виена, е одговорна за следење на спроведувањето на договорот склучен во 2015 година, а во тек се преговори меѓу Иран и САД за иранската нуклеарна програма.

Првиот разговор се одржа минатиот викенд во Оман, а следниот ќе се одржи в сабота во Рим.

Видете и ова: Следната средба меѓу претставниците на САД и Иран ќе биде во Рим

Разговорите во саботата во Оман беа првите меѓу Иран и администрацијата на Трамп, вклучувајќи го и неговиот прв мандат како претседател на САД од 2017 до 2021 година.

Трамп, кој се закани со воена акција доколку не се постигне договор за запирање на нуклеарната програма на Иран, изјави дека се сретнал со советници за Иран и очекува брза одлука. Тој не даде дополнителни детали.