Во потрошувачката кошничка ќе бидат вклучени сите овошја и зеленчуци што се произведуват дома

илустрација

Во пресметката на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат вклучени сите видови овошја и зеленчук што се произведуват во земјава, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Како што истакна на денешната прес-конференција овошјата и зеленчукот ќе се вметнуваат во кошничката етапно и сезонски, зависно од периодот во кој доспеваат и се користат.

За оваа цел веќе е изготвен посебен календар кој е доставен до Министерството за економија.

„Точно е дека МЗШВ учествува заедно со другите министерства во креирањето на кошничката и е задолжено за земјоделските производи. Листата на производи е голема и верувам дека кошничката ќе ги содржи сите. Пред се се застапени оние што ги произведуваме во Македонија. МЗШВ согласно Календарот на производство на земјоделски култури изработи посебен Календар - кои земјоделски култури во кој период доспеваат и се користат. Тој список е доставен до Министерството за економија. Знаете дека одредени производи се со сезонски карактер, па во периодот на нивно производство ќе бидат и вметнати во кошничката“, објасни Трипуновски, одговорајќи на новинарски прашања.

Видете и ова: Бојкот, кошничка или закон - што ќе ги спаси граѓаните од скапотијата?

Власта најавува дека се подготвува нова потрошувачка кошничка која како што изјави заменик министерот за економија Марјан Ристески „нема да служи ниту за креирање на јавно мислење, ни за политиканство како што претходно се правело, туку ќе биде за потребите на Министерството за економија и труд и на Владата во идните креирања на политики и донесување на закони и одлуки со цел заштита на животниот стандард на граѓаните“.

„Нашата просечна потрошувачка кошничка во пресметките сигурно нема да користи акцизни стоки како што се алкохол, цигари, летување во странство или, пак, овошја кои не се карактеристични за одредена сезона во годината, бидејќи тоа го сметаме за луксуз. Се ќе биде врз база на релевантни податоци од цените од релевантни производи кои се користат сезонски, но и податоци земени од повеќе големи маркети – маркети кои имаат високи цени, маркети со средни и маркети со најниски цени, како и цени од зелените пазари и локални маркети од различни региони“, појасни Ристески.

Според најавите, пресметката за кошничката е веќе готова и ќе оди на усогласување со синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите. За да биде верификувана ќе мора да биде помината и гласана во Економско социјалниот совет и најверојатно до крајот на месецов да биде претставена пред ЕСС.

Видете и ова: Владата „готви“ потрошувачка кошничка за тричлено семејство

На денешната прес-конференција, министерот Трипуновски зборуваше и за неодамна претрпените штети врз земјоделските структури.

Тој информираше дека во општините каде што некои земјоделски култури во изминатиот период претрпеа штети поради ниските утрински температури, веќе се формирани комисии за проценка. Најави дека процентот на обештетување ќе биде утврден откако тие ќе ги достават извештаите до надлежната владина Комисија.

„Согласно законската обврска секоја општина веќе има формирано посебни комисии кои во наредниот период, откако земјоделците ќе ги пријават штетите, ќе направат проценка и збирниот извештај ќе го достават до надлежната владината Комисија по што Владата ќе донесе одлука за процентот на обесштетување. Верувам дека комисиите транспарентно и одговорно ќе ја завршат работата за да ги обесштетиме земјоделците“, нагласи Трипуновски.

Инаку, повеќе региони беа зафатени од ниски, минусни температури кои предизвикаа штети врз насадите, особено врз овошните култури. Најпогодени се сливата во Делчевско, јаболкото во Ресен, праската нектарина во Росоман, Тиквешијата, како и дел од калинката и јапонското јаболко во валандовскиот крај.