Косовските власти ги затворија канцелариите на Пензиското инвалидско осигурување, Националната служба за вработување и Републичкиот фонд за здравствено осигурување во Лепосавиќ на северот на Косово, како и Јавното претпријатие за комунални услуги во Штрпце, општина со српско мнозинство на југот од Косово.
Сите овие институции работат во рамките на српскиот систем, кој Косово го смета за нелегален и паралелен.
Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани за Радио Слободна Европа објасни дека тие им помогнале на општинските власти во Лепосавиќ да ги вратат нивните простории и дека за време на операцијата биле откриени „нелегални активности“.
„Се консултиравме со обвинителот на Националната служба за вработување и беше отворен случај за фалсификување документи. Ќе интервјуираме еден човек во врска со тој случај. Што се однесува до Фондот за здравствено осигурување, колку што знам, општината им даде една недела да ги напуштат своите простории“, изјави Елшани.
Претходно, вршителката на должноста министер за економија на Косово, Артане Ризваноли, објави дека Јавното комунално претпријатие во Штрпце е затворено.
„За ниту една паралелна институција на Србија нема место во Република Косово. Никаков паралелизам на нашите институции и поддирективи на Белград нема да постојат на територијата на нашата земја“, напиша Ризваноли во објава на својот Фејсбук профил.
Српска листа: Косовските власти се обидуваат да му го отежнат животот на српскиот народ
Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, која има поддршка од Белград, објави дека со затворањето на српските институции во Лепосавиќ и Штрпце, косовските власти се обидуваат „да му го отежнат животот на српскиот народ во Косово преку притисок, провокации и институционално насилство“.
Тие изјавија дека акцијата на затворање на српските институции „претставува директно кршење на сите договори, вклучително и на Бриселскиот договор“.
„Упадот во згради нема да ја спречи државата Србија да биде со сите вработени и корисници на услугите што споменатите институции им ги обезбедуваа на сите граѓани, без оглед на националноста“, се наведува во соопштението на Српска листа.
Видете и ова: Косово ги затвора институциите кои работат во српскиот системСрпскиот претседател Александар Вучиќ кон средината на септември минатата година изјави дека нема да ги укине институциите за Косово и најави отворање на „модерни канцеларии“ на српската страна од граничните премини.
Тој вети дека сите работници во затворените институции ќе продолжат да примаат плати и дека ќе им обезбеди секаков вид поддршка.
Институциите во српскиот систем по 1999 година функционираа и во областите каде што живеат Срби. Косово ги смета за нелегални, но сепак беа толерирани.
Сепак, Владата на Косово, предводена од Албин Курти, почна да ги затвора на почетокот на 2024 година. Досега беа затворени Привремените општински тела, Центрите за социјална работа, Поштата на Србија, Поштенската банка, Јавните претпријатија.
„И се заблагодарувам на косовската полиција за нивната поддршка и во исто време ги молам и полицијата и Обвинителството итно да ги истражат штетите и придобивките предизвикани од нелегалната активност на овие паралелни институцин на Србија“, додаде Ризваноли.
Видете и ова: ЕУ: Затворањето на паралелните српски институции на Косово ја загрозува безбедностаОд друга страна, Канцеларијата за Косово во Владата на Србија објави дека косовските власти „нелегално ги затвораат малкуте преостанати српски институции во Република Косово“.
„Сето ова се случува пред очите на Меѓународната заедница, која молчешкум го набљудува теророт врз Србите и понатамошниот прогон на нашиот народ“, се вели во соопштението, во кое се наведува дека се очекува реакцијата на Меѓународната заедница, особено на Европската Унија, со чие посредство се води дијалогот меѓу Приштина и Белград за нормализација на односите.
Затворањето на институциите што работат во српскиот систем наидува на негодување од страна на српската заедница, но и на критики од Меѓународната заедница, со образложение дека „едностраните и некоординираните дејствија“ можат да ги зголемат тензиите на терен.
Исто така, на почетокот на оваа година, ЕУ објави дека статусот на структурите поддржани од Србија треба да се реши преку дијалог.