Германските социјалдемократи го поддржуваат коалицискиот договор со ЦДУ

Зградата на германскиот парламент во Берлин, Германија

Членовите на Германската социјалдемократска партија го поддржаа коалицискиот договор со германската Христијанско-демократската унија (ЦДУ), објавија светските агенции, повикувајќи се на соопштение од партијата.

Со ова се отстранува и последната пречка за формирање нова влада во Германија.

Христијанските демократи победија на предвремените парламентарни избори во февруари, додека социјалдемократите останаа на третото место.

Крајнодесничарската Алтернатива за Германија се најде на второто место, но и демохристијаните и социјалдемократите одбија да формираат коалиција со оваа партија во идната влада.

Видете и ова: Во Германија почнуваат разговори за формирање владејачка коалиција

Одобрениот коалициски договор му овозможува на лидерот на христијанските демократи Фридрих Мерц да стане канцелар на 6 мај.

Резултатите од гласањето на партијата во редовите на социјалдемократите покажуваат дека 84 проценти од членовите на партијата го поддржале коалицискиот договор.

Од 360 000 членови на партијата, во гласањето учествуваа педесет и три проценти.