Репортери без граници: Македонија на 42 место според индексот за слобода на медиумите

Македонија е рангирана на 42 место во светот според Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници за 2025 година, што е пад од шест места во однос на лани кога беше 36-та.

Во однос на другите земји во регионот, Македонија е по Словенија која е на 33 место и Црна Гора 37, Хрватска е 60-та, Бугарија 70-та, Албанија е на 80 место, Босна и Херцеговина на 86, Грција на 89, Србија на 96 и Косово на 99 место.

Репортери без граници ја оценува состојбата со слобода на медиумите во Македонија како „задоволителна“.

- Иако новинарите не работат во непријателска средина, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините претставници имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, се наведува во општата оценка за Македонија.

Извештајот се однесува на изборната 2024 година, во период на поларизирана политичка клима која резултираше со засилен партиски дискурс во јавната комуникација и медиумите.

Овие наоди, според Здружението на новинари на Македонија, претставуваат јасен сигнал до институциите дека се неопходни итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите.

Класификацијата на Репортери без граници опфаќа 180 држави од целиот свет.

Норвешка е на прво место и останува единствената земја во светот која ужива „добра“ оценка за сите пет индикатори на Индексот. Таа го задржа своето прво место деветта година по ред, зголемувајќи го водството пред другите земји. Естонија се искачи на второто место, следена од Холандија, која ја престигна Шведска (сега 4-та) во првите три во светот.