Кардиналите се вселуваат во своите простории во Ватикан пред конклавата за избор на нов папа по смртта на папата Франциск.
Повеќе од две недели по смртта на Франциск, 133 кардинали ќе се соберат утре (7 мај) во Систинската капела на конклава што може да трае со часови, денови или дури и месеци.
Кардиналите традиционално престојуваат во пансионот Санта Марта во Ватикан, кој има приватни бањи и услуга во соба во хотелски стил, но нема доволно соби за сите.
Со кардинали од 70 земји на пет континенти, оваа конклава е најголемата досега организирана. Затоа, некои кардинали ќе бидат сместени во Санта Марта Векија, блиска зграда што обично се користи за сместување на ватиканските службеници.
Тие ќе можат да влезат во просториите, кои ќе бидат распределени со жрепка, од денес до утре наутро пред мисата во пресрет на конклавата.
Видете и ова: Последно збогум на папата ФранцискКардиналите се заколнале на тајност, под закана од екскомуникација доколку откријат што се случува на конклавата.
Ним им е забрането да комуницираат со надворешниот свет сè додека не се избере нов папа.
Ватикан вчера објави дека за време на конклавата ќе го прекине телефонскиот сообраќај во зградите, но не и на плоштадот „Свети Петар“.
Кардиналите, кои ќе мора да ги остават своите мобилни телефони на почетокот на конклавата, ќе го информираат светот за својата работа со палење на гласачки ливчиња што ќе испуштаат чад, црн ако нема одлука и бел ако е избран нов папа.
Лекарите, возачите, готвачите и чистачите исто така се заколнаа на тајност.