Пресврт во Романија: Според излезните анкети прозападниот Дан води пред десничарот Симион

Никусор Дан со членовите на неговиот изборен тим

Независниот кандидат, градоначалникот на Букурешт Никусор Дан, е на пат да победи на претседателските избори во вториот круг против ултранационалистичкиот кандидат Георге Симион.

Анкетите на Авангарда и CURS ја процениле победата на Дан со нешто повеќе од 54 отсто од гласовите на изборите одржани во неделата, на 18-ти мај.

Победата на Дан се гледа како резултат што ќе ја задржи Романија на нејзиниот прозападен курс.

Романија е сведок на изборен пресврт по триумфот на десничарскиот кандидат Симион во првиот круг од изборите одржан на 4-ти мај.

Тоа е и пресврт од резултатите од поништените избори одржани пред шест месеци, на кои победи кандидатот на десницата Калин Ѓорѓеску.

Тие избори беа поништени од Уставниот суд, наведувајќи го руското мешање во изборниот процес во корист на Ѓорѓеску, што Москва го негираше.

Изборите во неделата беа кулминација на повеќемесечната политичка криза што ја потресе Романија, а резултатите покажуваат дека јавноста се префрли од крајната десница кон Никосур Дан, центристичкиот кандидат.

За тоа несомнено придонесе рекордната излезност на изборите во неделата од 64 отсто од гласачите.

Своето право на глас го искористија околу 11,6 милиони гласачи, над два милиони повеќе отколку во првиот круг и повеќе од првичното гласање пред шест месеци.

Видете и ова: Ултранационалистот Симион против умерениот Дан во вториот круг претседателски избори во Романија

Првата порака на Никусор Дан

„Има една заедница која ги загуби денешните избори“, рече 55-годишниот Никусор Дан во своето прво обраќање пред своите поддржувачи по затворањето на гласачките места, на митинг во романската престолнина Букурешт.

„Заедница која е огорчена од начинот на кој досега се води политика, толку револтирана што верува дека единственото решение е револуцијата“, рече Дан.

Наша должност е да ги убедиме дека реформите во судството и борбата против корупцијата ќе бидат приоритет“, заклучи тој.

Симеон тврди дека победил

Симион, водачот на партијата АУР (Сојуз за Сојузот на Романците), ги отфрли резултатите од излезните анкети, велејќи дека неговите податоци покажуваат дека победил со околу 400.000 гласови.

„Јас ќе бидам претседател на сите Романци, па ќе бидам и ваш претседател“, рече Симион во своето прво обраќање пред приврзаниците во Букурешт, непосредно по објавувањето на првите резултати од анкетата.

Тој тврди дека победил на изборите.

„Им благодарам на милионите луѓе кои ја овозможија оваа победа. Тоа е победа на човекот кој требаше да биде претседател на Романија, тоа е победа на Калин Горгеску“, рече тој.

Видете и ова: Почнува предизборната кампања во Романија, за претседателската функција се борат 11 кандидати

Кој е Никусор Дан?

Дан влезе во политиката во 2015 година, ветувајќи дека ќе се бори против корупцијата во главниот град.

По професија математичар, докторирал на Универзитетот Сорбона во Париз во 1998 година, по што се вратил на работа во Математичкиот институт во Романија.

Во тој период почнува да се занимава како активист за прашања поврзани со дивоградбите, урбанистичкото планирање и заштитата на културното наследство.

Дан не е член на ниту една партија, победи во трката за градоначалник на Букурешт како независен кандидат, а сега тоа го направи и на претседателските избори.

Кога станува збор за надворешната политика, Ден зборуваше за одржување блиски односи со САД, со конзистентен проевропски став.

Во однос на овластувањата, претседателот го назначува премиерот со одобрение на парламентот и ја претставува Романија на самитите на НАТО и ЕУ. Може да го искористи и правото на вето во ЕУ.

Видете и ова: Откажано гласање, потоа забранет кандидат... Сега повторени избори во Романија

Кој е Георге Симион?

Симион вети дека целосно ќе ја смени политиката на Романија, усвојувајќи евроскептичен став во Европската унија и ставајќи крај на поддршката за Украина.

Тој ја нагласи и идеолошката поврзаност со „движењето MAGA“ („Make America Great Again“, слоган на кампањата на Доналд Трамп).

Во тоа име, тој на интернет објави фотографија на која носи црвена бејзбол капа и натпис „Трамп ја спаси Америка“.