Европската комисија ѝ се закани на Унгарија со мерки доколку донесе закон против невладините организации

илустрација

Европската комисија се закани со мерки против Унгарија доколку владата на премиерот Виктор Орбан усвои контроверзен закон со кој се ограничува работата на невладините организации.

Воведувањето на законот за „транспарентност во јавниот живот“ би наметнало строги прописи за невладините организации финансирани од странство, кои се сметаат за ризик за суверенитетот на Унгарија, пишува ДПА.

Според Комисијата, предлог-законот, поднесен до унгарскиот парламент од конзервативната националистичка партија Фидес на Орбан, претставува сериозно кршење на правата на ЕУ.

Комисијата побара повлекување на нацрт-законот од законодавната постапка.

Доколку законот биде усвоен како што се очекува, Комисијата предводена од претседателката Урсула фон дер Лајен најави дека нема да се двоуми да ги преземе потребните мерки.

Комисијата може да покрене посебни постапки за вакви случаи на прекршувања, што резултира со високи казни за земјите-членки кои не го почитуваат правото на ЕУ.

Видете и ова: Унгарскиот парламент треба да гласа за забрана за собири на ЛГБТК припадниците

Споредливо со сегашното законодавство во Русија, нацрт-законот им овозможува на невладините организации финансирани од странство кои можат да влијаат на јавното мислење да бидат ставени на црна листа.

Потоа, тие организации можат да добијат материјална поддршка од странство, само со одобрение од даночната администрација на земјата во која работат.

Доколку невладината организација се финансира на други начини, таа мора да ѝ плати на државата 25 пати поголема сума како казна, во спротивно ќе биде распуштена и забранета, пишува ДПА.

Невладините организации се организации кои, независно од владите, се борат за човекови права, животната средина или здравјето и други аспекти од јавниот живот.

Орбан, кој постојано се судираше со ЕУ во текот на неговите 15 години како лидер на Унгарија, е под зголемен притисок дома пред парламентарните избори во април следната година.

Петер Маѓар, политички почетник кој побегна од владејачката партија на премиерот, се појави како конзервативен предизвикувач чија нова партија Тиса, веќе неколку месеци доминира во анкетите на јавното мислење пред Фидес на Орбан.