Трамп ќе одлучи дали ќе го нападне Иран во следните две недели

Американскиот претседател Доналд Трамп

Белата куќа објави дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе донесе одлука за евентуален напад врз Иран во следните две недели.

Во разговор со новинарите денес, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, се осврна на пораката од самиот Трамп во која се вели:

„Врз основа на фактот дека постои значителна веројатност за преговори со Иран кои може, а можеби и не може да се случат во блиска иднина, ќе донесам одлука дали да одам или не во следните две недели.“

Ливит додаде дека „преписката со Иран продолжува“.

На својата платформа Truth Social, Трамп го отфрли извештајот на „Волстрит џурнал“ - во кој се цитираа три лица запознаени со ова прашање во кој се вели дека им кажал на помошниците дека одобрил планови американските сили да се приклучат на Израел во нападите врз Иран, но дека чека да види дали Техеран ќе се откаже од својата нуклеарна програма.

„Волстрит џурнал нема поим какви се моите ставови во врска со Иран!“, напиша Трамп.

Блумберг, исто така, објави, цитирајќи лица запознаени со ова прашање, дека американските претставници се подготвуваат за потенцијален напад врз Иран во следните неколку дена, можеби во текот на викендот.

Видете и ова: Израел ги напаѓа Техеран и други локации, Трамп ја остава отворена можноста за вмешување на САД во конфликтот

Во телевизиско интервју, премиерот Беџамин Нетанјаху рече дека Израел е „способен да ги погоди сите нуклеарни објекти на Иран“, но „дека секоја помош е добредојдена“.

„Трамп ќе направи што е добро за Соединетите Држави, а јас ќе направам што е добро за државата Израел“, рече Нетанјаху.

Иранскиот објект за збогатување ураниум Фордоу е скриен под планина и се смета дека е надвор од дофат на израелско оружје, но е подложен на американските „бункерски бомби“.

Израел на 19 јуни вети дека ќе ја „отстрани“ нуклеарната и балистичката ракетна закана од Техеран откако иранските воздушни напади погодија болница претходно во текот на денот.

Израелски воени претставници изјавија дека неколку населени области во земјата биле нападнати од Иран на 19 јуни, вклучувајќи ја и болницата во јужниот град Бершеба. Локалните медиуми објавија дека имало сериозна штета на еден оддел од болницата, при што 40 лица претрпеле главно полесни повреди.