Експерт за пластична хирургија утре ќе ги посети повредените од пожарот од Кочани кои се на рехабилитација во Пониква за да види какви потреби имаат и како ќе може да им се помогне - најави денеска (22 јуни) министерот за здравство, Азир Алиу.
„Таму 45 граѓани се дел од таа програма во Пониква. Имаме пет вработени, двајца лекари и три медицински сестри. Имаме програма која е во тек од сабота. Денеска на пример таму температурата е фантастична 17 степени. Надвор се, играат кошарка и такви активности имаат“, изјави Алиу на денешната прес конференција.
Што се однесува до Кочани и последиците од пожарот во дискотеката „Пулс“, тој кажа дека се планира долгогодишна програма за градот не само за граѓаните и за настраданите.
Видете и ова: Три месеци по трагедијата во Кочани - повредените бавно закрепнуваатПретходно, на брифинг со новинарите тој најави дека Кочани ќе добие модерен и иновативен центар, каде повредените ќе може да развиваат креативни идеи.
„Верувам дека од таков тип на центар ќе излезат можеби и старт-ап компании со нови идеи во здравството и во други решенија. Тие млади се многу креативни, само им треба инфраструктура и менторирање за да реализираат креативни идеи во проекти, компании и така натаму“, истакна министерот.
Првите пациенти од трагедијата во Кочани пристигнаа во одморалиштето на Пониква вчера, а во меѓувреме се подобруваат условите и во болницата во Кочани.
Доктор Катерина Паниќ - Мирчовска, в.д. директор на Општата болница - Кочани, во петокот информираше дека веќе ги добиле потребните креми за апликација на изгорениците. Таа рече дека е стигната и тура од 95 лепенки кои како што додаде, пациентите долго ги барале.
„Support Kocani“ обезбеди 4.070 силиконски лепенки за повредените
Попладнево пак, граѓанската иницијатива Support Kocani соопшти дека во Кочани пристигнале 407 кутии со силиконски лепенки Atrauman Silicone, со вкупно 4.070 лепенки, како дел од континуираната хуманитарна помош за повредените од трагичниот настан во клубот „Пулс“.
Овие медицински лепенки, во кои секоја кутија содржи 10 парчиња, како што посочуваат, се специјално наменети за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Тие претставуваат донација од хумани сограѓани и компании кои живеат и работат во Словенија, кои великодушно се приклучија на нашата мисија за помош.
-Лепенките наскоро ќе бидат донирани на Општата болница во Кочани, во координација со здравствените служби и потребите на пациентите. Оваа донација е уште еден потсетник дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа таму каде што најмалку ја очекуваме - од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови, велат од иницијативата.
Нагласуваат дека Support Kocani очекува нови пратки со медицински материјали и од други земји, меѓу кои Австралија и Данска, каде како што велат, македонски иселеници и пријатели на Кочани активно се вклучуваат со поддршка.