Зеленски потпиша договор за специјален трибунал за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берс, се ракуваат по потпишувањето на договор за формирање специјален трибунал за судење на високи функционери одговорни за руската инвазија на Украина, 25 јуни 2025

Вечерта на 25 јуни, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша договор со Советот на Европа за формирање специјален трибунал за гонење и судење на одговорните за „злосторството агресија против Украина“, надевајќи се дека еден ден ќе му се суди и на Владимир Путин, претседателот на Русија.

„Ќе биде потребна политичка и судска храброст за да се обезбеди судење на сите руски воени злосторници, вклучувајќи го и Владимир Путин“, рече Зеленски.

Ова е прв пат да се формира посебен трибунал под покровителство на Советот на Европа, органот за човекови права на континентот, кој има 46 члена, вклучувајќи ја и Украина.

Русија беше исклучена кратко откако започна војна против Украина во февруари 2022 година, која сè уште трае.

Специјалните трибунали им судат на лицата одговорни за сериозни кршења на човековите права во контекст на одреден конфликт, како што се воените злосторства во Југославија или геноцидот врз Тутсите во Руанда.

Видете и ова: Може ли новиот трибунал на ЕУ да ја повика Русија на одговорност за злосторствата во Украина?

Неговото формирање, објавено на 9 мај во Лвив од страна на Украина и нејзините европски сојузници, ја заобиколува невозможноста за судење за „злосторството агресија“ пред Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој Москва не го признава.

„Денешната спогодба и овој трибунал ни даваат право да добиеме правда за злосторството агресија“, рече Зеленски, кој пристигна во Стразбур доцна навечер откако го помина денот во Хаг на самитот на НАТО, каде што се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Агресорот мора да ја изгуби“ војната, истакна тој.

„Злосторството агресија“ се дефинира како „планирање, подготовка, иницирање или извршување од страна на лице кое е во позиција ефикасно да контролира или насочува политичка или воена акција на држава, чин на агресија кој, по својата природа, сериозност и обем, претставува кршење на Повелбата на Обединетите Нации“.

Сепак, специјалниот трибунал нема да може да ги гони Путин, ниту неговиот премиер Михаил Мишустин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, додека се на функција.

Петнаесет судии од различни земји ќе го изберат одборот на директори на новиот трибунал и ќе бидат назначени за необновливи мандати од три до девет години.

Покрај предложениот специјален трибунал, Советот на Европа стои зад регистарот на воени штети во Украина, кој досега има примено „повеќе од 34 000 барања за надомест“, според генералниот секретар на Советот на Европа, Швајцарецот Ален Берсе.