Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека апсењата на оние кои „подготвуваат дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија“ ќе продолжат и во наредните денови.
„Акцијата за апсење и идентификување на тие терористички организации апсолутно ќе продолжи. Претседателот на Србија ќе продолжи со состаноците со безбедносните служби и со врвот на полицијата со цел да се зачува уставниот поредок и да се спречи крвопролевањето што го планираа на Видовден“, изјави Брнабиќ за телевизијата Пинк.
На 25 јуни, полицијата уапси шест лица под сомнение дека планирале „насилна промена на власта“ на протестот што го најавија студентите во блокада за 28 јуни во Белград.
Вишото јавно обвинителство објави дека осомничените се согласиле да не се враќаат дома сè додека не „убијат или уништат“ претставници на државните институции, дека најавиле употреба на огнено оружје и се согласиле да „нападнат припадници на полицијата со цел да ги разоружаат“.
Брнабиќ им „честиташе“ на медиумите што учествуваа во создавањето на специјална емисија емитувана на 25 јуни на неколку провладини телевизиски станици, во која беа прикажани материјали за наводни планови за протести и блокади во Србија во претходните седум месеци.
Видете и ова: Вучиќ тврди дека во Србија имало обид за државен ударИ претседателот на владејачката Српска напредна партија, Милош Вучевиќ, изјави дека верува оти апсењата не се завршени и оцени дека безбедносните служби мора да ги идентификуваат „сите“ кои, според неговите зборови, планираат насилно преземање на власта.
Вучевиќ за телевизија Пинк изјави дека овие апсења „најдобро потврдуваат дека државата се консолидирала по обидот за обоена револуција“.
На 23 јуни, полицијата го уапси Стефан Томиќ, студент на белградскиот Факултет за физика, под сомнение за „повик за насилна промена на уставниот поредок“.
Видете и ова: Нов закон за „дисциплинирање“ на државните факултети во СрбијаНеговото апсење беше осудено од студентите во блокада, професорите и граѓаните кои се собраа на 26 јуни на протест пред Палатата на правдата во Белград, каде што треба да биде сослушан Томиќ.
Од почетокот на масовните протести во Србија, полицијата постојано апси студенти, професори и демонстранти-некои од нив, под сомнение за обид за насилно соборување на уставниот поредок.
Едно од барањата на студентите во блокадата е да се запре кривичната постапка против сите нив, со оценка дека се уапсени спротивно на законот и дека станува збор за притисок и заплашување од страна на властите.
Студентите започнаа блокади на факултетот и протести кон крајот на ноември 2024 година - барајќи одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.