Иран одржа национален погреб за воените лидери убиени во конфликтот со Израел

Сцени од погребот во Техеран

Иран одржа национален погреб во саботата за околу 60 лица, вклучувајќи воени команданти и нуклеарни научници убиени во конфликтот со Израел.

Церемонијата започна во Техеран рано во неделата, а владините канцеларии и повеќето бизниси беа затворени.

Снимките од државната телевизија покажаа илјадници луѓе облечени во црно како држат ирански знамиња и слики од паднатите команданти.

На церемонијата присуствуваа иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, заедно со други високи владини претставници и воени команданти - вклучувајќи го и Есмаил Кани, шеф на силите Кудс на Револуционерната гарда за странски операции.

И Израел и Иран прогласија победа во војната што започна на 13 јуни и траеше 12 дена.

Непосредно пред крајот на војната, САД извршија напади врз три ирански нуклеарни постројки, додека американскиот претседател Доналд Трамп подоцна објави дека страните се согласиле на прекин на огнот.

Видете и ова: Каде е ураниумот на Иран-мистерија и потрага по американското бомбардирање

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, ја намали штетата предизвикана од американските бомбардирања на нуклеарните постројки, велејќи дека тие не направиле „ништо значајно“, и покрај тоа што Трамп рече дека постројките се целосно уништени.

Во петокот, Трамп го критикуваше Техеран за тврдењето дека ја добил војната.

Тој рече дека точно знае каде се крие Хамнеи и нема да дозволи Израел или американската војска да му „го одземат животот“.

„Го спасив од многу тажна смрт и тој дури не мора да каже „Благодарам претседателе Трамп““, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Тој додаде дека во последните денови работел на потенцијално укинување на санкциите врз Иран, едно од главните барања на Техеран.

„Но, не, напротив, се соочив со изрази на гнев, омраза и затоа ја прекинав целата работа за укинување на санкциите и многу повеќе“, рече Трамп.

Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги осуди коментарите на Трамп за Хамнеи во саботата.

Тој рече дека ако претседателот Трамп навистина сака договор, мора да престане со својот „неприфатлив тон“ кон врховниот лидер на Иран.

Министерството за здравство на Иран соопшти дека најмалку 627 цивили биле убиени во израелските напади.

Според израелските бројки, 28 лица во Израел биле убиени во иранските напади.