Од следната учебна година учениците ќе имаат електронски свидетелства

илустрација

Од наредната учебна година наместо печатени, свидетелствата од завршени одделенија во основно образование ќе бидат во електронска верзија и дигитално ќе бидат преземани од средните училишта во кои учениците ќе се пријават за упис.

Ова го најави министерката за образование Весна Јаневска и додаде дека и во овој момент тоа е овозможено преку системот е-дневник, но ќе почне да се применува од идната година откако населението ќе биде повеќе информирано и подготвено за овој дигитален процес.

„Децата и родителите де факто и немаат потреба да го имаат свидетелството во раце освен што тоа е некаков начин да се дружат, да се пофалат, да се израдуваат, па некои и да се разочараат и да вложат повеќе труд. Не го правиме тоа оваа година затоа што не можеме туку затоа што огромен број наши ученици и родители не знаат како тоа да го направат, особено во рурални средини каде нема опрема и интернет. Дигиталната писменост треба да се поткрене на повисоко ниво. Очекувам дека следната година барем над 90 проценти ќе може да се заврши така, иако системот и сега е подготвен за тоа“, рече Јаневска.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Е-дневник и на телефон - како функционира апликацијата?

Министерката меѓудругото додаде дека е задоволна што годинава се полнат средните стручни училишта. По првото пријавување во јуни над двојно повеќе ученици се запишале во стручни училишта (9469) отколку во гимназиите (4243).

Се чекаат резултатите од второто јунско електронско пријавување што беше спроведено вчера и до крајот на денов ќе бидат соопштени резултатите од рангирањето.

Прашана за интересот, таа рече дека пријавувања има за „скопските познати гимназии“, а во една од нив веројатно ќе има и квалификациско тестирање кое според конкурсните рокови треба да се организира на 4 јули.

Квалификациско тестирање или таканаречен приемен испит се спроведува доколку има повеќе ученици со исти бодови од успехот отколку предвидените слободни места.