Иранскиот претседател го потпиша указот за суспендирање на соработката со Агенцијата за атомска енергија

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го потпиша указот за суспендирање на соработката меѓу Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), јавува АФП.

„Пезешкијан го издаде указот за суспендирање на соработката со МААЕ“, се наведува во соопштението.

Агенцијата наведува дека, по израелските и американските напади врз нуклеарните постројки на Иран, пратениците усвоија закон насловен како „Суспендирање на соработката на Исламската Република со Меѓународната агенција за атомска енергија со барање за две итни мерки“.

Еден член од законот наведува дека, „со оглед на кршењето на националниот суверенитет и територијалниот интегритет на Иран од страна на ционистичкиот режим и САД во врска со мирнодопските нуклеарни постројки на земјата и заканата за врвните интереси на Иран, врз основа на член 60 од Виенската конвенција за договори од 1969 година, Владата е должна веднаш да ја прекине сета соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија врз основа на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT) и нејзините заштитни мерки, сè додека не се исполнат одредени услови, вклучително и обезбедување на безбедноста на постројката и научниците“.

Видете и ова: Трамп зборува за можна „промена на режимот“ во Иран по американските воздушни напади

Инаку Иран го отфрли барањето на шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, да ги посети нуклеарните објекти бомбардирани за време на војната.

Порано оваа недела, Пезешкијан го осуди „деструктивното“ однесување на Гроси, додека Франција, Германија и Велика Британија ги осудија неспецифицираните „закани“ против шефот на МААЕ.

Ултраконзервативниот ирански весник „Кајхан“ неодамна тврдеше дека документите покажуваат дека Гроси бил израелски шпион и дека треба да биде погубен.

Иран изјави дека барањето на Гроси да ги посети бомбардираните локации сигнализира „злонамерна намера“, но инсистираше дека немало закани против него или против инспекторите од неговата агенција.

Во понеделник, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаеи, изјави дека гласањето на парламентот за прекин на соработката со МААЕ ја одразува „загриженоста и гневот на иранското јавно мислење“.

Дванаесетдневната војна започна кога Израел започна голема кампања на бомбардирање врз Иран и уби врвни воени команданти и нуклеарни научници, а Техеран одговори со бранови ракети и беспилотни летала лансирани кон Израел.

На 22 јуни, сојузникот на Израел, САД, изврши напади врз иранските нуклеарни постројки во Фордо, Исфахан и Натанц.

Видете и ова: Аракчи: Преговорите меѓу Иран и САД нема да се обноват брзо

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападите на САД ја „збришале“ нуклеарната програма на Иран, иако обемот на штетата не е јасен.

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, призна „сериозна“ штета на нуклеарните постројки. Но, во неодамнешното интервју за Си-Би-Ес тој рече дека не може да ја уништи технологијата и науката преку бомбардирања“.

Израел и некои западни земји велат дека Иран се стремел кон развој на нуклеарно оружје - амбиција што Техеран постојано ја негира.