Предметот за пожарот во Кочани ќе се суди во Кривичниот суд во Скопје

Основен кривичен суд Скопје

Предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“, оформен од Основното јавно обвинителство – Кочани, денеска(2 јули) е префрлен од Основниот суд Кочани во Основниот кривичен суд Скопје, согласно решението на Врховниот суд на РСМ, со кое се утврдува дека скопскиот суд е стварно и месно надлежен за оценка на обвинителниот акт.

Како што соопштија од Основен кривичен суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје е опреден како надлежен за постапката, па во тој правец, доставениот обвинителен акт, согласно АКМИС – системот ќе биде распределен на совет за оцена на обвинение кој по примерот ќе го достави актот до обвинетите по што започнува Законскиот рок за приговор на истиот.

„По исполнување на предвидените услови за постапување, советот ќе закаже седница за оцена за исходот странките и јавноста, ќе биде навремено известени“, стои во соопштението од Кривичен суд.

Видете и ова: Крстевски: Кочани будно ќе го следи судењето, не дозволуваме „тргување“ со жртвите

Оттаму потсетуваат дека Врховниот суд на Република Северна Македонија, постапувајќи по предлог на Апелациониот суд Штип, донесе одлука Основниот кривичен суд Скопје да биде надлежен за постапување по конкретен предмет, поради недоволен број кривични судии во судовите во Штип и Струмица.

Одлуката е донесена врз основа на анализа на кадровските и техничките капацитети, како и сложеноста и јавниот интерес на предметот и во неа се нагласува потребата од искусни судии кои ќе обезбедат ефикасно, стручно и законито постапување.

Согласно обвинителниот акт, на 34 физички и три правни лица обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ им се ставаат на товар - тешки дела против општата сигурност.

Видете и ова: Три месеци по трагедијата во Кочани - повредените бавно закрепнуваат

Помеѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Поради немање доволно докази, постапката се запира за 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри.

Во пожарот што се случи на 16 март годинава животот го загубија 62 лица помеѓу кои шест деца, а над 200 беа повредени.