Следниот четврток (10 јули)Европската комисија на Урсула фон дер Лајен ќе се соочи со гласање за недоверба во Европскиот парламент, откако предлогот поднесен од романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа ги помина потребните парламентарни процедури, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што соопшти претседателката на Европарламентот Роберта Мецола дебатата по предлогот на Пипереа ќе се одржи в понеделник (7 јули) на стартот на јулската парламентарна сесија предвидена за следната недела во Стразбур, по што по неа европратениците ќе се изјаснат в четврток.
Мецола изјави дека иницијативата ги исполнува сите услови предвидени со член 131 од Деловникот на Европарламентот и таа ќе се најде на дневниот ред на заседанието закажано за од 7 до 10 јули.
Иницијативата на Пипереа, кој доаѓа од редовите на романската националистичка Алијанса за Унија на Романците (АУР), беше покрената минатиот четврток и „собра 79 потписи“, што е над потребниот праг од поддршка од најмалку 72 европратеници за покренување парламентарна иницијатива.
Во иницијативата на Пипереа, Комисијата се критикува за „недостиг на транспарентност“, а во документот се споменува и аферата „Фајзергејт“ поврзана со обвинувања против Фон дер Лајен за злоупотреба на должноста при договарањето на набавки на вакцини во време на Ковид кризата.
Видете и ова: ЕК негира дека ја прикрила здравствената состојба на фон дер ЛајенВеројатноста дека иницијативата ќе добие поддршка од потребното мнозинство на членовите на Европскиот парламент е многу мала, од причина што ниту една од пратеничките групи официјално не застана зад предлогот на романскиот европратеник.
За да биде поддржана, за иницијативата мора да се изјаснат најмалку две третини од пратениците што учествувале во гласањето, како и таа да биде поддржана од над половина од вкупниот број членови во Европскиот парламент.
Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер уште минатата недела изјави дека пратеничката групата на неговата партија „едногласно ќе се изјасни“ против иницијативата на Пипера. Самата Фон дер Лајен и половина од членовите на Еврокомисијата се од редовите на ЕПП.
Претседателката на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија, исто така најави дека социјалдемократските европратеници нема да гласаат за недоверба на Европската комисија.
Од предлогот се оградија и Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), чиј член е Пипереа.
Иако, во ЕП преовладува мислењето дека иницијативата ќе доживее неуспех, сепак се оценува дека покрај од пратеници од редовите на екстремната десницата и екстремната левица, таа би можела да биде поддржана и од членови на СД, либералите и зелените, кои сметаат дека Фон дер Лајен „свртува в десно“ и кокетира со десничарските партии.
Досега до Европскиот парламент во пет наврати биле поднесувани иницијативи за изгласување недоверба на Еврокомисијата, но ниту една од нив не добила поддршка од мнозинството европратеници.