Трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕПП, Социјалисти и социјалдемократи и Обнови ја Европа се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, објави денеска (3 јули) бугарската агенција БГНЕС.
Трите политички групи во ЕП, наместо да се додаде амандман со додавката „модерен“ пред македонски јазик, тие предлагаат да се тргнат деловите со македонскиот јазик и идентитет.
Сега се очекува мнозинството во парламентот во Стразбур да ги поддржи нивните амандмани на извештајот на гласањето кое треба да се одржи следната недела, на 7 јули.
Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди оваа информација и истакна дека ова покажува дека проблемот не е само внесувањето на само неколку стотини Бугари во Уставот, туку дека е многу подлабок.
„На талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од Извештајот во Европа. За нас подеднакво лошо е и тоа што се брише од Извештајот македонски идентитет и македонски јазик, исто како и да стоеше „модерен“, буквално е подеднакво лошо. Но она што е важно е да се напомене дека оној мал чекор кога помина на Комитетот за надворешни работи и македонски јазик и македонски идентитет, ќе остане во колективната меморија, дека за прпват некогаш помина македонски идентитет и македонски јазик, во главниот град на ЕУ, Брисел, во седиштето на европската демократија, ЕП“, рече премиерот Мицкоски.
Нагласи дека тие (како владејачка партија) предупредувале на ваквиот инженеринг и дека тоа ќе продолжи да се случува.
„И сега сите тие коишто манипулираа во минатото, сите оние коишто не убедуваа дека само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани да им се извинат. И не само пред македонските граѓани, туку и пред вистинските добронамерници, коишто доаѓаат и надвор од Македонија и политичари и личности кога им велеа дека само ова да се реши и завршена е работата, дека не ја говореа вистината или појма немаа од водење политика“, истакна Мицкоски.
Видете и ова: Клучното гласање за извештајот во Европскиот парламент во јулиИнаку Комисијата за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) го усвои извештајот за Северна Македонија кој што беше подготвен од известувачот, австрискиот европратеник Томас Вајц.
Извештајот првично требаше да биде гласан на 4 јуни, но, беше одложен поради интензивни политички притисоци оод бугарските европратеници.
На две места во извештајот, директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, што ги предизвика реакциите на бугарските и македонските политичари.
Во членот 2 од извештајот, подготвен од Вајц, се наведува дека „Европскиот парламент го повикува Европскиот совет да и даде јавна и недвосмислена поддршка на Северна Македонија дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за влез во следната фаза од преговорите за пристапување по исполнувањето на условите од неговите Заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет".
Видете и ова: Македонско – бугарски (НЕ)доразбирањаВо истиот член, со усвоениот амандман на 24 јуни, се наведува:
„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации".
Видете и ова: Муцунски: Софија да се однесува рационално и да не заглавува во ретроградни наративиВо расправата од 24 јуни, европратеникот Михаел Галер од групата на народните партии - ЕПП, во чие европско семејство е и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, предложи усен амандман кој се однесува на македонскиот јазик и идентитет со додавање на зборот "модерен" на четири места, за да гласи "модерен македонски јазик и идентитет".
Барањето за усен амандман не се стави на гласање бидејќи против тоа беа шест членови, еден повеќе од потребното за предлогот да се гласа.
Претставниците на власта во неколку наврати изразија загриженост за "проблематичните амандмани" во извештајот. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче ја повика власта заеднички да лобираат во Европарламентот за да не се изгласа придавката „модерен“ за јазикот и идентитетот во извештајот за напредокот на Северна Македонија.