Четири лица се убиени, а повеќе од 30 ранети во најновите руски напади во Украина

Последици од руските дронови врз Харкив, 7 јули 2025 година

Најмалку четири лица биле убиени, а повеќе од 30 ранети во руските напади низ Украина во текот на ноќта, соопштија регионалните власти во понеделник (7 јули).

Две лица загинале во регионот на Суми на исток и едно во областа на Одеса на југ, објавија украинските државни служби за вонредни состојби во објава на Телеграм.

Еден маж бил убиен во јужниот регионот на Херсон, информираше регионалниот гувернер.

Повеќе од 30 лица биле ранети, повеќето од нив во источните региони Харкив и Дњепропетровск, соопштија официјални лица.

„Руски беспилотни летала, исто така, го погодија главниот град Киев во напади во кои биле оштетени згради, но немаше жртви“, напиша градоначалникот на градот на Телеграм.

Видете и ова: Во услови на застој во преговорите, Русија значително ги зголеми воздушните напади врз Украина

Во Русија, Министерството за одбрана соопшти дека во текот на ноќта соборило 91 украински дрон, вклучувајќи осум во Московскиот регион, а поголемиот дел од останатите во регионите што граничат со Украина.

Во петокот, Русија го започна својот најголем напад со беспилотни летала и ракети врз Украина откако започна инвазијата во февруари 2022 година, испраќајќи 530 беспилотни летала и околу десетина ракети кон Киев во напад во кој загинаа најмалку две лица.