Средба Трамп-Нетанјаху за прекин на огнот во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп

По 21 месец војна, се зголемуваат надежите за ново примирје во Појасот Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделник (7 јули) во Вашингтон ќе има клучна средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Трамп претходно им рече на новинарите дека ќе биде „многу цврст“ во разговорите со Нетанјаху за да се стави крај на конфликтот.

Тој рече дека верува оти „ќе имаме договор“ оваа недела.

„Работиме на постигнување на договорот што беше дискутиран, под условите што беа договорени. Верувам дека разговорот со претседателот Трамп може да помогне во унапредувањето на овој исход, на кој сите се надеваме“, рече Нетанјаху пред да замине за САД.

Израел и Хамас, група која е означена како терористичка група од САД и ЕУ, започнаа индиректни разговори во Катар за предлогот на САД, кој повикува на 60-дневно примирје и ослободување на заложниците.

Сепак, сè уште не е јасно дали клучните разлики што постојано спречуваа договор можат да се надминат.

Видете и ова: Хамас соопшти дека одржува консултации околу предлогот за примирје во Газа

Посетата на Нетанјаху на Белата куќа е негова трета откако Трамп се врати на функцијата во јануари.

Оваа посета доаѓа по одлуката на Трамп да се придружи на израелската војна против Иран со напад врз нуклеарните постројки на Иран.

Откако посредуваше во постигнувањето примирје меѓу двете земји, Трамп објави дека сега е фокусиран на напорите за завршување на војната меѓу Израел и Хамас.

Војната започна кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи над 1200 луѓе и земајќи стотици заложници.

Израел одговори со жестока офанзива врз Појасот Газа, во која загинаа повеќе од 57 000 Палестинци, според тамошните здравствени власти.