Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста дека поради ширењето на пожарот во близина на Блаце, целосно е прекинат сообраќајот на патниот правец Стенковец-Граничен Премин Блаце, во двата правци, а затворен е и преминот Блаце.
Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки за гасење на пожарот.
Апелираме до граѓаните да не тргнуваат кон ГП Блаце до гасењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираме јавноста, се наведува во соопштението на МВР.
Во општина Чучер Сандево, помеѓу селата Блаце и Чучер, каде гори мешана шума и ниска вегетација, екипите за гаснење се сè уште на терен и активно интервенираат, соопштија од Центарот за управување со кризи.
„Еден крак од пожарот е пресечен и изгаснат, но останува уште еден активен крак кој се шири кон сосема непристапен ридско-планински терен. Интервенцијата е отежната, бидејќи пожарот зафатил голема површина. Се вложуваат максимални напори за да се стави ситуацијата под контрола“, стои во објавата на Фејсбук од ЦУК.
Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов, вели дека најверојатна причина за пожарот во оштина Чучер Сандево е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување.
„Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување. Затоа, апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати“, апелира Ангелов.
Видете и ова: Додека гори низ државата, нема вработувања на нови пожарникари, ниту нова опремаВо пожарот помеѓу селото Блаце и Чучер Сандево зафатена е мешана шума и ниска вегетација.
За негово гаснење од утрово во пет часот биле ангажирани два полициски хеликоптера, еден армиски хеликоптер, како и три возила на Дирекцијата за заштита и спасување, која со повеќе пожарникари и возила го гаси големиот пожар на отворен простор на територијата на општина Чучер Сандево над магистралниот пат Скопје - Блаце, кој изби вчера (6 јули) во попладневните часови.
Министерството за внатрешни работи доцна синоќа информира дека е нормализиран сообраќајот до граничниот премин „Блаце“ и дека е укината забраната за движење за товарните возила и автобусите која беше воведена вчеравечер откако пожарот над магистралниот пат Скопје-Блаце се прошири.
За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари. Тоа е предвидено во Оперативниот план за 2025 „Визија за промена“ – соопштија и од владината прес-служба и од владеачката ВМРО-ДПМНЕ.
Заради превенција и подобро справување со шумските пожари, овие 400 лица ќе се вработат во општините каде што има најмногу потреба за нив, додадоа од партијата.