Американскиот претседател Доналд Трамп на 7 јули изјави дека Соединетите Држави ќе испратат повеќе оружје во Украина за да ѝ помогнат на земјата разурната од војна да се одбрани од руските напади.
„Ќе испратиме уште оружје. Мораме. Тие мора да бидат способни да се одбранат. Сега се погодени многу силно“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
САД ќе испратат првенствено одбранбено оружје, додаде тој, зборувајќи на почетокот на вечерата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Коментарите изгледаат како пресврт на најавата на Пентагон минатата недела дека ќе се воздржи од испорака на некои ракети за воздушна одбрана, прецизно водена артилерија и друго оружје поради загриженоста дека американските залихи се намалиле премногу.
Украина бара од Вашингтон да ѝ продаде повеќе ракети и системи „Патриот“ што ги смета за клучни за одбрана на своите градови од она што стана речиси редовни ноќни руски воздушни напади, додека војската на Москва се обидува да ја совлада воздушната одбрана на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно се осврна на потребата од повеќе единици за воздушна одбрана „Патриот“ во своето вечерно видео обраќање на 7 јули.
„Работиме, особено, со американската страна на релевантните одлуки во врска со системите „Патриот“ и ракетите за нив“, рече тој.
По повикот со Трамп на 4 јули, Зеленски рече дека се согласил да работи на зголемување на способноста на Киев да „го брани небото“ додека руските напади ескалираа. Тој рече дека разговарал со Трамп за заедничко производство на одбрана, набавки и инвестиции.
Видете и ова: Дали ова е летото кога Русија ќе ја „скрши“ Украина? Не изгледа такаТрамп рече дека на Украина ќе ѝ бидат потребни ракети „Патриот“ за да се одбрани, но во изјавата од 7 јули, не ги спомена конкретно.
Трамп рече дека е решен да го прекине конфликтот и повторно ја изрази растечката фрустрација од рускиот претседател Владимир Путин.
„Воопшто не сум задоволен од претседателот Путин“, рече Трамп.
Тој се закани дека ќе воведе нови санкции против руската нафтена индустрија за да се обиде да го поттикне Путин на мировни преговори, но досега се воздржа.
Сепак, сенаторот Линдзи Греам (републиканец од Јужна Каролина) минатата недела изјави дека Трамп му дал зелено светло да го протурка законот со кој се бара висока царина за стоки увезени од земји како Кина и Индија кои продолжуваат да купуваат руска нафта.
Видете и ова: Четири лица се убиени, а повеќе од 30 ранети во најновите руски напади во УкраинаЗеленски на 7 јули објави планови за проширување на производството на беспилотни летала со сојузниците за повоениот период.
„Работиме со партнерите за да обезбедиме дека производството во нивните земји работи со полн капацитет - и за нашата заедничка одбрана денес и за арсеналите на партнерите по војната“, рече Зеленски во своето вечерно видео.
Киев соработува со сите лидери и земји кои можат да помогнат преку инвестиции, компоненти или производство, вели Зеленски.
„Чекор по чекор, го затвораме финансискиот јаз за производство на беспилотни летала и беспилотни летала-пресретнувачи и ги пополнуваме украинските производствени линии со специфични нарачки“, информираше украинскиот претседател.
Украина се брани од целосна руска инвазија што започна во февруари 2022 година. Руските напади врз Украина што траеја до раните часови на 7 јули убија најмалку 11 цивили, а повредија повеќе од 80 други, вклучувајќи седум деца, соопштија официјални лица.