Седум активни пожари, еден локализиран и еден под контрола

Пожар над Блаце, 7 јули 2025 година

Активни се вкупно седум пожари на отворено, еден е локализиран, еден е под контрола, а изгаснати се 23, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Како што информираат оттаму, активни се пожарите во општина Прилеп – с. Бешиште, општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешнево и с. Слатин, општина Чашка – под Солунска глава, меѓу изворите на Бабуна и Бабина дупка, општина Чучер Сандево – помеѓу с. Блаце и с. Чучер Сандево, општина Шуто Оризари – Њу Стар Хотел, општина Дојран – с. Николич и општина Крива Паланка – с. Жидилово.

Локализиран е пожарот во Општина Делчево – градска депонија, а под контрола е пожарот во Општина Македонски Брод – с. Самаково (лесно запалив материјал).

Според ЦУК, изгаснати се пожарите во Сарај – с. Глумово, Петровец – с. Ржаничино, Аеродром – с. Долно Лисиче, Ѓорче Петров 1 – с. Злокоќани, Ѓорче Петров 2 , Чучер Сандево – м.в. Голиево, Центар – ул. Лазар Личеноски, Велес – с. Горно Оризари, Куманово – с. Белаковце, Старо Нагоричане 1 – с. Ругинце , Старо Нагоричане 2 – с. Ругинце , Кратово – с. Железница, Штип – с. Балвани, Долнени – с. Сарандиво, Боговиње – с. Седларце, Брвеница – с. Теново, Желино – с. Чефлик, Врапчиште – с. Неготино, Битола 1 – с. Магленце, Битола 2 – близина на болницата Плодност, Свети Николе – правец Штип – Велес, Прилеп 1 – м.в. Жабино маало и Прилеп 2 – кај фирмата Гаро-Градба.

Видете и ова: Прекинат сообраќајот на Блаце поради пожарот

Надлежните апелираат до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во периоди на високи температури и зголемен ризик од пожари.

За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари. Тоа е предвидено во Оперативниот план за 2025 „Визија за промена“ – соопштија и од владината прес-служба и од владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

Заради превенција и подобро справување со шумските пожари, овие 400 лица ќе се вработат во општините каде што има најмногу потреба за нив, додадоа од партијата.