Кремљ „шокиран“ од наводното самоубиство на отпуштениот министер

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ изрази шокираност поради, како што соопштија, очигледното самоубиство на поранешниот министер за транспорт Роман Старовојт, неколку часа откако беше разрешен од функцијата од претседателот Владимир Путин.

Старовојт беше министер за транспорт една година, а претходно беше гувернер на пограничниот Курски регион, каде што Украина започна упад.

Властите соопштија дека телото на Старовојт е пронајдено во московското предградие Одинцово со прострелна рана.

„Не може да не ги шокира обичните луѓе. И секако, и нас нè шокираше“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите, според руските новински агенции.

Песков рече дека „не сака да коментира“, но додаде дека „Претседателот, секако, бил веднаш информиран“, додаде тој.

Видете и ова: Поранешниот руски министер за транспорт пронајден мртов неколку часа по неговoто сменување

Руските медиуми шпекулираа дека Старовојт требало да биде испрашуван за корупција во Курскиот регион. Неговиот наследник беше уапсен оваа пролет за проневера на средства наменети за зајакнување на утврдувањата во регионот.

Путин го назначи Андреј Никитин за вршител на должноста министер за транспорт на Русија неколку часа по разрешувањето на Старовојт.

Никитин во вторник се обрати пред рускиот парламент, Думата, пред тој да ја ратификува одлуката на Путин. Ни Никитин, ниту претседателот на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, не го споменаа сомнителното самоубиство на Старовојт во нивните воведни говори во Думата.

Никитин рече дека „безбедноста на транспортот“ ќе биде еден од неговите приоритети бидејќи е „особено важна во моментов“ со нападите со украински беспилотни летала што предизвикуваат хаос на руските аеродроми.

Неговиот претходник беше отпуштен откако стотици летови беа откажани низ Русија минатиот викенд за време на големата офанзива со беспилотни летала на Киев.

Смртта на Старовојт се случи во време кога Русија презеде мерки против воени и некои цивилни службеници за време на украинската офанзива, при што Кремљ цврсто ја контролира владејачката класа во земјата.